Премиерот на Молдавија: Русија е многу послаба отколку што луѓето ја сметаа

од Vladimir Zorba

Премиерот на Молдавија, Дорин Речеан изјави денеска дека прекинатиот бунт во Русија ја разоткри слабоста на Москва и дека мешањето на Кремљ во неговата земја станува се помалку ефективно.

Поранешната советска република лоцирана меѓу Украина и Романија постојано ја обвинува Русија за мешање во нејзините внатрешни работи, особено во врска со отцепената провинција Придњестровје, што Москва го негира.

„Она што го видовме во изминатите неколку дена е јасен показател за слабоста на руското раководство и раководството на руската војска“, рече премиерот Речеан во интервју за Ројтерс.

„Русија е многу послаба отколку што луѓето сметаа дека е“, додаде тој, говорејќи во Цирих, Швајцарија, пред состанокот на Европската зона за слободна трговија (ЕФТА) во соседен Лихтенштајн, каде што ќе потпишат договор за слободна трговија.

Шефот на руската платеничка група „Вагнер“, Евгениј Пригожин, го шокираше светот кога во саботата започна вооружен бунт, кој ненадејно го прекина додека неговите борци се приближија до Москва откако соборија неколку авиони и не наидоа на отпор на земјата.

Настаните може да значат воена и морална поддршка за Украина, која се соочува со руска инвазија, рече Речеан. „Важно е да се има уште поголема посветеност од Западот за снабдување на Украина со она што и е потребно за да ја одбрани земјата и да ги протера руските сили“, додаде тој.

Владата во Молдавија, која сака да стане членка на Европската унија до 2030 година, ја обвини Русија за низа обиди да ја поткопа нејзината безбедност, вклучувајќи обид за државен удар, лажни предупредувања за бомби, хакирање и лажни повици за регрутирање.

Русија, која вели дека спроведува „специјална воена операција“ во Украина, постојано ги отфрла обвинувањата на Молдавија. Речеан рече дека Молдавија сè уште е цел на Москва, но руските активности стануваат сè помалку ефективни.

„Не ни се чини дека Русија се повлекува или го намалува својот интензитет. Само нашите институции ги подобрија своите способности да се борат со оваа руска хибридна војна“, објасни тој. На долг рок, решението на спорот за Придњестровје веројатно зависи од крајот на конфликтот во Украина, додаде тој.

Стотици руски војници се стационирани на дел од територијата долж источната граница на Молдавија со Украина од војната меѓу проруските сепаратисти и молдавската влада по распадот на Советскиот Сојуз во 1991 година.

„Пред сè, Молдавија ќе го реши прашањето за Придњестровје na мирен пат. Ова е фундаментално“, рече Речеан. „Првата работа е демилитаризација на покраината каде што нелегално се распоредени руски војници. Ова веројатно ќе се случи кога Русите ќе бидат исфрлени од Украина“, додаде тој.

Слични содржини