Претседателот може да помогне, но нема преземено обврска да преговара со Грција, велат од Кабинетот на Пендаровски за пасошите

од Nikola Popovski

Од Кабинетот на претседателот Стево Пендаровски попладнево соопштија дека процедурите поврзани со личните документи не се во надлежност на претседателот. Велат дека Пендаровски дал предлог за надминување на гужвите и метежот во пунктовите за сликање и подигнување на пасошите, личните карти и возачките дозволи.

-Како што и претходно информиравме, претседателот Пендаровски даде предлог за надминување на проблемот што се појави во однос на замената на личните документи и патни исправи, но таа процедура е во целосна надлежност на Владата и Собранието. Во однос на комуникацијата со Грција, претседателот Пендаровски може да помогне во процесот, но нема преземено обврска во таа смисла, се вели во соопштението од Кабинетот на шефот на државата.

Надлежните укажуваат дека личните карти со старото име ќе важат и по 12-ти февруари. За пасошите и возачките дозволи, премиерот Димитар Ковачевски разговарал со министрите, но, Владата чека потег од шефот на државата.

-Имавме разговори со ресорните министри, ја видов и иницијативата на ВМРО-ДПМНЕ до Уставниот суд, јас таа иницијатива не ја отфрлам, но меѓутоа на крајот тоа ќе биде одлука на Уставниот суд. Треба да се постигне некаков договор и со Грција. На крајот на денот, кога ќе ги видите дестинациите каде што патуваат нашите граѓани од средина на месец мај до средината на септември, дестинација каде што најмногу патуваат нашите граѓани е токму Грција, од доминантно туристички причини, изјави премиерот, одговарајќи на новинарско прашање.

Пред речиси една недела Пендаровски ја повика Владата да го промени рокот на важење на личните докумети до септември, затоа што, според него, начинот на кој сега се вадат личните карти, пасошите и возачките дозволи е понижувачки за граѓаните.

Слични содржини