Претседателот Пендаровски ја посети Фондацијата „Little Bits of Good Foundation“

од Radmila Tasevska

Претседателот Стево Пендаровски денеска го посети туторијалниот центар на Фондацијата „Little Bits of Good Foundation“ во Чаир, којшто заедно со центрите во Гази Баба, Бутел 2 и Визбегово, е дел од подружницата на оваа фондација во земјава.

Претседателот Пендаровски во центарот „Мотиви“ во Чаир присуствуваше на настава по математика и ликовно. A дел од дечињата од основните училишта од Чаир, коишто следат настава на албански јазик, ги пишуваа своите домашни задачи. Со учениците, претседателот Пендаровски поразговара за нивните омилени предмети и за предметите коишто ги изучуваат со помалку љубов, како и за насликаните дела.

Во текот на посетата, одговорните лица за програмата на центрите, подетално го информираа претседателот Пендаровски за програмата којашто се применува, како и со предизвиците и постигнатите резултати од ваквиот вид настава во центарот.

Истовремено надлежните потенцираа дека целта на нивните активности за ученици од околните основни училишта е да се подобри квалитетот на животот на сиромашните семејства и самохраните мајки. Исто така, посочија дека Фондацијата нуди парична помош за лицата со попреченост коишто не се работоспособни, како и медицински стипендии за студенти со високи постигнувања и недоволно застапени студенти од скопскиот регион на акредитираните медицински факултети.

Четирите туторијални центри на Фондацијата „Little Bits of Good Foundation“ ги посетуваат околу 500 ученици, а покрај настава по природни науки, во нив се одржуваат и курсеви по македонски и англиски јазик, а со збогатена програма од областа на уметноста и преку годишна изложба на уметнички дела, на талентираните ученици им се дава можност да ги покажат своите вештини.

Слични содржини