Автобусите „преноќија“, превозниците го блокираа Скопје: „Градот мора да ни го исплати долгот“

од Nikola Popovski

Приватните превозници со околу 200 автобуси блокираа две раскрсници кај ТЦ Мавровка и зградата на Црвен крст и булеварот „Илинденска“ од Фонтана до Зоолошката градина, оставајќи ги своите возила во текот на ноќта паркирани на критичните сообраќајни точки.

Веќе еден месец од градските власти бараат исплата на долг од 1,5 милиони евра за да можат непречено да продолжат со градскиот превоз. Но, градоначалничката Данела Арсовска одбива да се сретне со нив и засега нема абер од решение за исплаќање на долгот.

-Скопје не е приватно царство. Системски се наруши јавниот интерес. Градоначалничката најави дека неделава ќе биде објавен оглас и ви гарантирам дека тоа нема да се случи и тоа е лага. Такво нешто е невозможно да се спроведе. Резултатот од вакво работење не е својствено за одговорна функција. Она што се провоцира дека се штитат интереси, дека ова има политичка позадина и се спомнува моето име, сакам да повторам дека Ленин Јовановски и „Слобода превоз“ со ваквиот начин на однесување се најмалку загрозени. Загрозени се приватните превозници. Ние ги браниме нивните интереси, рече вчера директорот на „Слобода превоз“, Ленин Јовановски.

Блокадите предизвикаа долги редици од автомобили, а многу граѓани доцнеа на своите работни места.

-Најавија дека ќе има можеби одредено проширување. Има доволно автобуси, околу 200 се поставени, кој што имаат намера да го свртат вниманието кон себе. Не можат граѓаните да ги критикуваат приватните превозници. Треба да се критикува изворот на проблемот- градоначалничката. Треба да се посочат виновниците каде што се. Очекуваме поддршка од граѓаните, порача директорот на „Слобода превоз“.

Премиерот Димитар Ковачевски ги обвини ВМРО-ДПМНЕ и градоначалничката за блокадата во Скопје. Коментирајќи го протестот на приватните превозници, Ковачевски рече дека истите луѓе кои водеа кампања за Арсовска денеска имаат прес-конференција по блокадите со автобуси.

Министерот за локална самоуправа Ристо Пенов вели дека Владата има механизам за запирање на блокадата на главниот град од приватните превозници на јавен превоз.

Тој во гостувањето во Дневникот на Сител појасни дека автобусите може насилно да бидат тргнати од улиците, но засега само се следи ситуацијата.

Министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски обелодени дека со протестот на приватните превозници се судираат правата на слободно движење и правото на протест.

-Разгледуваме опции и со Министерството за правда од утрово во однос на оваа дебата. Апелирам да се седне и да се разговара за целиот овој процес. Тие кои што го создаваат овој проблем ќе мора да ги вкрстат аргументите, рече вчера Спасовски.

Долгот на ЈСП „Скопје“ кон „Слобода превоз“ и „Макекспрес“ заклучно со месец октомври е 1,5 милиони евра.

Слични содржини