Приватниците ќе го блокираат Скопје со 200 автобуси доколку до четврток не им биде исплатен долгот

од Nikola Popovski

Блокадата на крстосницата кај ТЦ „Мавровка“ од страна на приватните превозници е ставена во мирување до четврток поради предвидената дводневна посета на германскиот претседател Франк-Валтер Штајнмајер. Ова синоќа го изјави директорот на „Слобода превоз“, Ленин Јовановски.

-Со оглед на информацијата од МВР дека утре доаѓа висока делегација од Германија на чело со претседателот ги замолив превозниците да покажат со гест дека не сакаат да го нарушат угледот на државата и да не ги отежнат безбедносните протоколи, да се повлечат од блокадите во период на присуство на делегацијата односно до четврток, а доколку до тогаш не се постигне некаков договор со Градот Скопје и ЈСП на улица ќе излезат повторно во петок, истакна Јовановски.

Ако во меѓувреме нема преговори и договор со Градот, најави директорот на „Слобода превоз“, во петок ќе има масовни блокади на Скопје со 200 автобуси.

Вчера, како што додаде, приватните превозници покажале единство и сериозност во намерите да ја истераат правдата на виделина и да го свртат вниманието на целата јавност за проблемот со кој се соочуваат.

На продолжението на 19-та седница на Советот на Град Скопје посветена на советнички прашања, во однос на проблемите со приватните автобуски превозници, повторно немаше решение. Седницата помина со меѓусебни обвинувања помеѓу советниците на градското Собрание, особено од советниците на коалицијата предводена од ВМРО-ДПМНЕ, со градоначалничката на Град Скопје, Данела Арсовска и директорот на Јавното сообраќајно претпријатие, Александар Стојковски.

-Не сакам да има манипулации. Директорот на ЈСП редовно ги плаќал. Го поддржувам правото на протест секој кој смета дека преку тоа ќе го оствари својот интерес. Единствените кои губат во случајов се граѓаните. Затоа апелирам да ги заштитите граѓани и јавниот интерес, а не нечиј џеб. Ние до сега немаме добиено ниту една опомена на тужбаод оние кои тврдат дека им се должи, затоа не сакам да се манипулира. Ако некој сметал дека некој му должи, можел да пушти опомена пред тужба и можел да тужи. Ова не сметам дека е вистинскиот начин. Со уцени не треба да дозволиме да се функционира. Сега во моментов некој го блокира превозот, рече Арсовска од собраниската говорница во Советот на град Скопје.

Советникот во Град Скопје од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, Стефан Андоновски вчера изјави дека според информациите со кои располагаат фактурите кои се доставени од приватниците превозници до јавното сообраќајно претпријатие Скопје не се спорни и со само тоа доколку приватните превозни го тужат ЈСП тогаш долгот кој во моментот како што рече е најголем во историјата достигнува скоро 2 милиони евра, ќе треба претпријатието да плати и пенали и судска казна.

Веќе осум дена како на скопските улици не сообраќаат автобусите на приватните превозници. Приватните превозници вчера со триесетина автобуси ја блокираа крстосницата кај Мавровка и го парализираа сообраќајот во Скопје.

Слични содржини