Приватните превозници ќе ги заменат старите автобуси и ветуваат дека ниту еден возач нема да остане на улица

од Nikola Popovski

Приватните превозници се задоволни од разговорите од градоначалничката на Град Скопје, Данела Арсовска и се надеваат дека од почетокот на наредниот месец веќе ќе почнат да возат по скопските улици. Од таму најавуваат дека сите 210 автобуси ќе бидат во функција и ќе се вратат на работа.

-Утре ќе ја подигнеме тендерската документација за овој повик и во предвидениот рок ќе ги доставиме документите за да учествуваме на јавниот повик. Се надевам дека на почетокот на следниот месец ќе се вратиме на работа, изјави денеска Јовица Зафировски од новото координативно тело на приватните превозници.

Тој додаде дека остануваат со истиот возен парк, но ќе работат на негово подобрување.

-Цената на метанот е добра и е на исто ниво со дизелот. Ние се боревме да имаме што поеколошки автобуси. Во моментов имаме околу 25 такви автобуси на природен гас и тие ќе бидат вклучени. Сите постари автобуси ветуваме дека ќе ги замениме во догледен период, за граѓаните да имаат подобар сервис, потецнира Зафировски.

Во однос на долгот кон нив, Зафировски потенцира дека долгот не е од Град Скопје, туку ЈСП и тоа тековно ќе се решава.

Исто така информира дека ќе има нови три фирми за трите пакети.

-Има по пет линии, само еден пакет има шест линии. „Макекспрес“ и „Слобода превоз“ немаа свои возачи, ние ги носевме луѓето и вработувавме, тие беа само посредници во процесот. Ниту еден возач нема да остане на улица, појаснува Зафировски на кој начин тие ќе аплицираат на новиот јавен повик.

Слични содржини