Привремен прекин на бојкотот: Mатурантите тврдат дека имаат поддршка од повеќе од 70 пратеници

од Nikola Popovski

Сојузот на средношколци попладнево соопшти дека од 6 до 12 февруари привремено ќе го прекине бојкотот на наставата, за што одлука донело Генералното собрание на Сојузот.

Средношколците се  сигурни дека нивните барања за државната матура ќе имаат поддршка од повеќе од 70 пратеници во Собранието. Очекувањата се дека барањата ќе се најдат на пленарна седница после 12 февруари.

Во понеделникот пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ поднесе предлог-закон за измени и дополнување на Законот за средно образование, во согласност со барањата на Сојузот – на државната матура да полагаат два наместо четири предмети.

Од Сојузот на средношколци појаснуваат дека нивниот бојкот е последица на немањето слух за нивните проблеми, укажувања, аргументи и конкретни предлози.

– Истото нема за цел губење на настава и учење, туку изменување на годинашната државна матура. Ни требаат и квалитетна настава и изменета дражавна матура и натамошен образовен и професионален развој. Поради ова, Сојузот им остава можност и време на институциите да ги прифатат и спроведат нашите барања, велат од Сојузот на средношколци.

Средношколците ја бојкотираа наставата барајќи да се скрати бројот на предмети за полагање на државна матура од четири, на два.

Слични содржини