Приврзаници на СзС ја блокираа РТС незадоволни од информирањето на Јавниот сервис

од Aleksandar Petrovski
391 прегледи

Лидерите на опозицискиот Сојуз за Србија (СзС) со повеќе стотина поддржувачи денеска точно во 12 часот ги блокираа сите три влеза во зградата на Радио телевизија Србија (РТС). Како што најавија, блокадата ќе трае до 20 часот и за тоа време никој нема да може да влезе, но секој кој сака ќе може да излезе од зградата на РТС.

Како што јави дописникот на МИА од Белград демонстрантите доаѓајќи пред РТС носеа транспарент на кој пишуваше „ЕУ избери, Вучиќ или демократија!“

Како што изјави пред насобраните поддржувачи лидерот на Народната партија (НС) и председавач со Сојузот за Србија (СзС), Вук Јеремиќ, причината за мирниот протест и блокадата на РТС не е насилство, туку проблемот што „во изминатите осум години, РТС не ја работи својата работа“.

– РТС не ја информира јавноста за тоа што се случува во земјата. Затоа сме тука и ќе бидеме тука осум час, посочи Јеремиќ, при тоа додавајќи додаде дека протестот и блокадата ќе бидат мирни за да се сврти внимание на јавноста за РТС поинаку да се однесува кон новинарите, кои се во заложништво на уредниците.

– Сите знаеме дека оваа куќа не ја работи професионално својата работа како што треба, затоа што ако работеше, ќе реализираше интервју со „свиркачот“ од „Крушик“, Александар Обрадовиќ. Дозволете ми да ви дадам еден пример, а има стотици такви, кажа Јеремиќ.

Тој истакна дека лидерите на СЗС не барале ништо за себе, ниту бараат да се појават на јавниот сервис, туку дека сакаат РТС да ги отвори своите врати за луѓето како Александар Обрадовиќ, Марија Лукиќ, која беше сексуално малтретирана од градоначалникот на Брус, или новинарот Милан Јовановиќ, кому му беше запалена куќата за што му се суди на поранешниот градоначалник на Гроцка.

– Конкретно бараме ова да стане јавен сервис на Србија, да почне да ја работи својата работа и да ја извести српската јавност за сè што се случува, истакна Јеремиќ.

Покрај Јеремиќ, на протестот се присутни и останатите лидери од СзС, меѓу кои и Бошко Обрадовиќ од Двери, Милан Лутовац од ДС, Драган Ѓилас и други.

Во посебното интервју што МИА го направи пред РТС со лидерот на Партијата за слобода и правда (ССП) Драган Ѓилас, кое целосно ќе објавиме деновиве, тој кажа дека тие ќе ги бојкотираат изборите и дека инсистираат и во Србија да се донесе Пржинскиот договор.

– Важно е да се направи систем, како сега во Северна Македонија за новите избори, по ист систем и ние да направиме фер и чесни избори, без што Србија не може да оди напред и тоа го разговараме со луѓето од Европа, кои сакаат да помогнат.

Во врска со најавениот бојкот на претстојните избори, Ѓилас изјави дека ниту една партија не постои за да прави бојкот, туку постои за да победи и да ја освои власта.

– Ние сме пред РТС, во која ниту една афера не е објавена, а само Александар Вучиќ за еден месец бил околу 793 пати на телевизиите со национална фреквенции, а ние од опозицијата сме биле вкупно нула. Па, за какви избори ние говориме, како луѓето да чујат за нас… за каква слобода на медиумите говориме, истакна Ѓилас.

Во барањата на СзС покрај наведените афери, се бара РТС да ја отвори вратата и да информира за плагијатот на министерот за финансии Синиша Мали, за вистината за Савамала, малверзациите со реконструкцијата на центарот на Белград, вистината за планот на Вучиќ за Косово, да информира за аферата со министерот на полицијата и неговиот татко за фабриката за оружје „Крушик“, за загадувањето на воздухот, масовната миграција на младите од Србија.

Протестот што е предвидено да трае до 20 часот, засега е мирен и се одвива без инциденти. Тој од страна на новинарските здруженија во Србија и од РТС беше осуден, поради притисокот и спречувањето на новинарите да ја вршат слободно својата работа.

Слични содржини