Прочка – празник за проштевање и очистување од гревовите

од Vlatko K
1,3K прегледи

Прочка претставува голем празник за македонскиот народ и со него се поврзани голем број обичаи и верувања. Очигледно е дека проштевањето е обичај востановен под влијание на црквата, додека огновите, гатањата, карневалите … се остатоци од претхристијанските пролетни забави.

Празникот Прочка или Велики Поклади, меѓу народот познат и како Проштени Поклади, спаѓа во најголемите христијански празници, според некои веднаш по Божик и Велигден. Овој празник доаѓа по неколкуте зимски празници како што се: Бадник, Божик, Водици, Св. Трифун и ги поврзува со поголемиот број пролетни празници како што се: Тодорова Сабота, Летник, Св. 40 маченици (Младенци), Благовештение, Цветници, Лазарева Сабота, Велигден, Ѓурѓовден и др. Со Прочка започнуваат и долгите Велигденски пости, период исполнет со многу обичаи и верувања, со многу одречувања и надежи за пречек на Христовото воскресение (Велигден) за причесна и идентификација со Спасителот Исус Христос.

На Прочка се изведуваат богати обичаи како што се проштевањето (оттука и празникот го добил името), потоа амкањето, обредните огнови, богатата трпеза, гатањето за живот и среќа, обичаите за очистувањето од болви, вошки и други штетници итн. Очигледно е дека некои обичаи како што е на пр. проштевањето имаат христијанска основа, додека другите се остатоци од претхристијанските пролетни празнувања.

Кога станува збор за празникот Прочка не смее да се изостават деновите што му претходат на овој празник. Една недела пред Прочка (поточно во саботата) е Задушница. Саботата пред Прочка во некои краишта на Македонија е познат под името Умрело дете за баничка, во други, само Дете за кора. Тоа е поврзано со легендата за некое сиромашко дете кое гледајќи како богатите секој ден носат сукани јадења на фурната побарало од мајка му да му меси баничка. Мајка му, бидејќи немала брашно постојано го лажела дека следниот ден ќе му меси, а детето чекајќи и плачејќи умрело. За спомен на тој ден и на тоа дете останало на овој ден да се меси баничка, зелник или друга храна и да се раздава.

 Обичајот проштевање тргнува од христијанското сфаќање за помагање и проштевање меѓу луѓето. Се верува дека на овој ден и небото и земјата се проштеваат па тоа треба да го сторат и луѓето. Небото затоа што и погрешило на земјата со громови, мразеви, поројни дождови и сл. бара прошка.

И луѓето еден од друг бараат прошка за грешките. Притоа, секогаш помалиот бара прошка од постариот, децата од родителите, крштеникот од кумот, а се проштеваат и пријатели, роднини, соседи итн. Откако три пати ќе се поклони помладиот му вели на постариот: „Прости ми!“, на што овој одговара: „Простено да ти е и од мене и од Господа“, или само: „Просто да ви е“. Во некои краишта на Македонија тој што барал прошка носел некаков подарок како портокал, лимон, суво грозје, алва, јајце и др. и во таа смисла во некои краишта портокалот останал како симбол на проштевањето. Во населените места посебен впечаток во вечерните часови на овој ден остава раздвиженоста на населението, кога многумина во групи брзаат да се простат со родителите, роднините, пријателите, а потоа да се најдат покрај богатата трпеза. Останало забележано дека и младите вљубени се проштевале на чешмата со по некој бакнеж, зашто за време на Велигденските пости и бакнувањето се сметало за грев.

Во Велес, при проштевањето на жената се давало портокал, а на мажот лимон. Во овој град на овој празник се правеле сурати односно се маскирале и оделе по куќите во групи од по дванаесет души во кои имало: момче, невеста, дедо, ѓавол, доктор, благар итн. Благарот го собирал благото со кое биле дарувани по куќите.

  Величествен впечаток оставаат големите обредни огнови, кои се палат вечерта на овој празник. Во Штип, Радовиш, Гевгелиско и некои други места овој оган се викал Голема Ора-копа, за разлика од Малата Ора-копа, огнот што се палел една недела порано. Големата Ора-копа се изведувала посвечено од малата, со поголеми огнови, со повеќе деца, со повеќе песни итн. Важно е за овие огнови што децата ги прескокнуваат со верување дека ќе се очистат не само од болви, вошки и други паразити, туку и од негативните демони, но најповеќе од гревовите.

Во врска со овој празник се и карневалите што се одржуваат во Струмица и Прилеп. Празнувањата во Струмица се во врска со тримерските празнувања, кога се изведуваат богати обичаи за свршените. Обичаите со варењето на посен (бел) грав, со синиите, пеењето на еротски песни и играње на орото „Црна кокошка“, посетата на Цареви Кули и сл. отсекогаш го привлекувале вниманието на намерниците и случајните минувачи. Во карневалот, пак, што се одржува во овој град по повод овој празник очигледни се влијанија на големите светски карневали. Карневалот во Прилеп е впечатлив по автентичните маски од мечки кои ја продолжуваат вековната традиција на празнувањето на касапите од овој град.

Празникот Прочка претставува голем празник за македонскиот народ и со него се поврзани богати обичаи и верувања. Очигледно е дека проштевањето е обичај востановен под влијание на црквата, а забавите, како што се оние околу огновите, гатањата за среќа, карневалите и сл. се остатоци од претхристијанските пролетни забави.