Продолжува процесот за Клиника Жан Митрев, што се случуваше досега

од Radmila Tasevska

За 15 ноември, среда е закажано новото рочиште за случајот против Клиника Жан Митрев и кардиохирургот доктор Жан Митрев, откако последно на 3 октомври беше откажано бидејќи сведоците на обвинителството не се појавија на рочиштето. Еден од сведоците дојде во судница без со себе да понесе лична карта за идентификација, што е задолжително при давање исказ пред судија, а вториот сведок воопшто не се појави затоа што не бил известен.

Во претходните рочишта сведочеа главните сведоци на обвинението, од чии изјави беше инициран судскиот процес и кои обвинуваат за измама. Една од нив е Мелита Брезева, која тужи освен за измама и има побарување за исплата на оштета.

Брезева на претходното рочиште се изјасни дека од страна на Клиника Жан Митрев и се вратени скоро 26.000 евра неискористени средства за лекување на пет члена од нејзиното семејство. Уште кажа дека нејзиниот сопруг Никола, барал третман со хемофилтрација уште од првиот ден кога бил примен на лекување во Клиника Жан Митрев, барање кое што било одбиено од страна на конзилиумот на клиниката, а подоцна, по направената прва хемофилтрација истиот бил негативен на ковид тест.

„Никола го примија на 24 март 2021 година во болницата Жан Митрев, тој си отиде спремен со пари во него за пакетот 12.000 евра, ова ни го кажаа и по телефон за да прашам дали имаат место, но и си го знаевме, бидејќи иста беше постапката и за свекорот. Кога го примија првите денови беше навистина добар, Ви предочувам и пораки од комуникација која ја имав постојано со него, и тој навистина се чувствуваше добро. На 27 март 2021 година, се сеќавам дека ми се јави и ми рече дека ќе го стават на хемофилтрација, дека го преместиле во друга соба. Тој цела ноќ бил во исчекување дека ќе му направат хемофилтрација, но утредента ми рече дека е одлучено од конзилиум од лекарите да не му прават. Инаку Никола самиот веруваше дека хемофилтрацијата е многу добра, дури и во пораките ќе забележите дека ми пишува дека ќе сака да му направат хемофилтрација и вели дека на тие кои им прават побрзо се подигаат, така мислеше тој“, сведочеше Мелита Брезева, клучниот сведок во судскиот процес против Клиника Жан Митрев и д-р Митрев.

Поврзано со случајот на Клиника Жан Митрев, беше и обвинението од МАЛМЕД според кое методот на хемофилтрација се користел како експериментален третман и притоа ги измамиле пациентите. Сепак, пресудата беше дека нема докази за направен прекршок, при што Основниот кривичен суд донесе ослободителна пресуда за клиничката болница и за доктор Жан Митрев во предметот со МАЛМЕД. 

Во меѓувреме се појави и информација дека хемофилтрацијата во време на ковид пандемијата се применувала и на државната клиничка болница за што потврдуваат документите од јавни набавки на клиниката за кардиохирургија за периодот од 2021 и 2022 година.

Судскиот процес против кардиохирургот Жан Митрев и неговата клиника која важи за клиника која ги постави темелите на современите медицински услуги во Македонија во изминатите 22 години постоење, почна со многу пропусти и нерегуларности, јавни линчови и манипулативни содржини. Претходно откажаното рочиште е закажано за во среда, кога се очекува да се појават двајцата сведоци чиишто изјави ќе покажат како ќе се одвива понатамошното судење против Жан Митрев и Клиника Жан Митрев.

Слични содржини