Проф. Јанев: Руското законодавство му дава целосен дипломатски имунитет на Путин, МКС не е надлежен во неговиот случај

од Nikola Popovski

Германската министерка за надворешни работи Аналена Бербок вчера повика на формирање на специјален меѓународен суд кој ќе ги гони руските лидери за руската инвазија на Украина. „Треба да испратиме јасна порака до руското раководство овде и сега дека војната за агресија нема да остане неказнета“, рече Бурбок на Академијата за меѓународно право во Хаг. Во врска со воените злосторства, Украинското државно обвинителство веќе постапува со десетици илјади случаи. Секој случај на тортура, силување или убиство мора да биде документиран – на таков начин што судовите ќе ги прифаќаат доказите и сведочењата дури и за наредните години или децении.

Игор Јанев

Рускиот претседател Владимир Путин засега делува недопирливо, но така делуваа и високи функционери од војните во Југославија и Руанда. Како и за што точно би можело да му се суди на Владимир Путин во Хаг? Професорот по меѓународно право Игор Јанев во разговор за „Локално“ вели дека Владимир Путин, во пракса, дури и ако падне од власта нема никогаш да одговара за воените злосторства.

Toј ваквата проценка ја темели на руските закони.

-Според Руското законодавство, тековните и поранешните претседатели уживаат целосен дипломатски имунитет. Таков статус, според Рускиот закон, оневозможува некакво правно процесуирање пред меѓународните судски тела и органи. Меѓународниот кривичен суд едноставно за нив не е надлежен, порачува Јанев.

Професорот оценува дека постои само еден начин да му се суди на Путин.

-Единствен начин да му се суди за геноцид или воени злосторства е доколку тој излезе од својата држава и биде уапсен, што нема никогаш да се случи во пракса, потенцира Јанев.

За војната во Украина, соговорникот смета дека ќе трае уште долго време.

-Што се однесува до војната во Украина таа ќе трае многу долго време, бидејќи и Русија и Украјна сметаат дека Донбас и Крим се нивни територији, ни рече професорот.

Лично мисли дека Русија нема да ја загуби војната и дека на крај последиците за Украина ке бидат покатастрофални отколку за официјална Москва.

-Помирување нема да има, без разлика кој е на власта во Русија, прокоментира професорот по меѓународно право.

Хашки трибунал

Во својот коментар за барањето на Бербок за формирање на специјален меѓународен трибунал за кривично гонење на Русите, портпаролката на руското Министерство за надворешни работи, Марија Захарова нагласи дека шефицата на германската дипломатија е личност која нема поим за значењето на тој збор. Таа ѝ препорача на германската министерка, пред да ги изнесе обвинувањата, „да прочита нешто за судењето во Нирнберг или да го посети споменикот посветен на тој трибунал“, и да ја проучи историјата на својата земја.

Меѓународниот кривичен суд (МКС), што има 123 земји членки, ги гони поединците одговорни за најтешките злосторства, кога една земја тоа не го може или не го сака.

Ниту Русија, ниту Украина не се членки на МКС, а Москва не го признава Трибуналот што беше востановен во Хаг во 2002 година.

Н.П.

Слични содржини