Проф.Дескоски: Знаеме дека Бугарија може да ни го прави истото она што веќе дозволивме да ни го направи Грција

од Берта Китинска

Му благодариме на Бугарскиот Претседател Радев за појаснувањето дека всушност Бугарија цврсто стои зад нацистичкиот квислинг (во обид) Ванчо Михајлов.Сега барем немаме дилема дека Бугарскиот премиер Петков знаел точно каде оди и чиј лик ќе слави, пишува на својот Фејсбук профил професорот Тони Дескоски во врска со вчерашната изјава на бугарскиот претседател Румен Радев кој ја обвини С.Македонија за фашизам.

-Времето на Вили Брант е очигледно одамна поминато. Очигледно е дека од Бугарија во скоро време нема да дојде висок претставник кој ќе клекне пред спомен обележјето на убиените младинци во Ваташа, кој ќе им оддаде почит на народните херои Мирче Ацев и Страшо Пинџур. Искрено се надевам дека нашата дипломатија ќе знае да ја искористи оваа грешка на Бугарското раководство и упорно ќе притиска во болната за нив точка. Подобар епилог на оваа сага за нас не можеше да има. Реакцијата на Претседателот Пендаровски е добар старт, кој мора да биде проследен со упорна и континуирана дипломатска активност.

Секако, се надевам дека со овој чин се става крај на еден не многу интелигентен обид, преку ретуширање на НОБ, да се добие префрлање на Бугарското вето за во фазата откако ќе почнат преговорите за пристапување во ЕУ, односно за по неколку години. Нам ни е јасно дека е скоро сигурно дека Бугарското вето нема да падне во јуни, но барем да расчистиме некои работи за Фашистичката окупација на Македонија во Втората светска војна и за НОБ.

Знаеме дека Бугарија може да ни го прави истото она што веќе дозволивме да ни го направи Грција. Ама знаеме и дека НОБ е црвената линија која не може да се премине. А лесно е да се одбрани НОБ дури и пред сојузниците, затоа што е антифашистичка. Нашите предци, партизаните, кои со пушка во рака и со крв ја создадоа оваа држава, беа на вистинската страна на историјата и ни го оставија антифашизмот во аманет. Што и да се прифати од Бугарските барања, не може да биде поврзано со НОБ. А секако ќе го прифатиме искреното извинување на Бугарија сторени од нејзините претставници за време на окупацијата во Втората светска војна. За малку ќе изумев. Сето погоре напишано нема да важи ако не биде затворен клубот Ванчо Михајлов, и ако никој кај нас не сноси одговорност, пишува Дескоски.

Слични содржини