Проф. Ивановски: Долгорочната примена на мерката за замрзнување на цените може да создаде дисторзии на пазарот и зголемување на сивата економија

од Vladimir Zorba
662 прегледи

Во очекување од утре да стапи на сила мерката за одмрзнување на цените на основните прехрамбени и на хигиенските производи, се отворија бројни дилеми пред граѓаните.

Дел од нив за „Локално“ велат дека утре со страв ќе одат да пазаруваат бидејќи со замрзнати или одмрзнати цени, производите им се скапи. Други го делат оптимизмот на Владата дека ваквиот потег нема да предизвика големи ценовни осцилации односно дека производите нема да поскапат.

Економистите кои ги консултираше „Локално“ се на иста линија со Владата. Универзитетскиот професор Зоран Ивановски смета дека нема никаква потреба да се задржува мерката на замрзнати цени.

„Во овој период традиционално се зголемува понудата на земјоделски производи на домашниот пазар, а цените на основните видови на производи се намалуваат, така што нема потреба да се задржува мерката за замрзнување на цените. Ваквиот тренд ќе се задржи во текот на летните месеци и есента, што ќе влијае на постепено намалување на инфлацијата“дециден е тој. 

Проф.Зоран Ивановски

Проф.Зоран Ивановски

Ивановски нема дилеми дека ова е вистинското време за одмрзнувње на цените на дел од производите и очекува дека престанокот на емрката нема да ги вивне цените на храната.

„Мерката замрзнување на цените мора да биде краткорочна и да се применува селективно, само за краткорочно стабилизирање на цените. Долгорочната примена на ваквите административни мерки создава фундаментални дисторзии на пазарот и креира амбиент за зголемување на сивата економија или појава на недостатоци на стоки и услуги на пазарот“објаснува Ивановски.

Од утре 1 јуни, повеќе нема да важи владината мерка со која се замрзнаа цените на дел од земјоделските производи, цента на белиот и полубел леб, брашното, маслото за јадење, јајцата, оризот, тестенините и млечните производи. Одмрзната цена ќе добијат и хигиенските производи, како тоалетната хартија, влажните марамчиња и влошките.

Владата ваквиот потег го правда со очекувањата за намалена инфлација и со фактот дека цените на некои од производите во моментов се пониски дури и од долната утврдена граница а доколку се забележат злоупотреби, повторно ќе се користат механизми со кои тоа ќе се спречи.

К.В.С.

Слични содржини