Производите стануваат сè понедостапни за македонските плати

од Берта Китинска

Владата ги продолжи ограничувањата на маржите за трговците со храна од крајот на септември до крајот на годината.

Маржите се ограничени до 5% во трговијата на големо и мало за бел леб, шеќер и сончогледово масло, како и на 10% за брашно, макарони, шпагети, ориз, млеко и јајца.

И покрај тоа што оваа одлука беше донесена кон средината на јуни, цените на најосновните прехранбени производи во последниве три месеци незапирливо растеа и нема изгледи дека тој тренд ќе престане во догледна иднина.

Производите стануваат сè понедостапни за македонските плати.

Млекото и млечните производи веќе добиваат нова, повисока цена. Поскапување има и кај сирењето, кашкавалот и јогуртот. Ако пред неколку месеци литар млеко од одредена фирма се купуваше за 35 или 40 денари, сега цената надминува 80 денари. Сирењата отидоа над 400 денари, а кашкавалите дури и над 700 денари.

Деновиве битолските млекари побараа зголемување на откупната цена на млекото и исплата на неисплатените субвенции за испорачаното млеко на преработувачите во земјата. Доколку не се исполнат барањата за повисоки откупни цени, многумина од помалите сточари ќе бидат принудени да ги затворат фармите, а со тоа да предизвикаат и нова млечна криза во земјата.

Слични содржини