Пронајдено безживотно тело во Вардар, се проверува дали е кумановецот кој излета со возило пред пет дена

од Nikola Popovski

Утрово во реката Вардар кај општина Желино е пронајдено безживотно тело, за кое се уште нема официјална информација дали е Ердон Рамадани, 22 годишното момче кое на 27 септември излета од автопатот Тетово-Скопје.  Градоначалникот на општината Блерим Сејдиу денеска објави дека станува збор за Рамадани.

-Конечно е најдено телото на младото лице од Куманово, во реката Вардар. Благодариме на сите спасувачки екипи кои дадоа свој придонес во текот на овие денови, бизнисмени, хумани селани, Противпожарна единица Тетово, Центар за управување со кризи, полицијата и сите други. Длабоко сочувство до семејството, напиша Сејдиу на социјалните мрежи.

Од тетовската полиција потврдија дека е најдено тело во реката Вардар, но се уште не е извршена официјалната идентификација. Полицајци од СВР Тетово го нашле телото.

Во вторникот околу 11 часот и 30 минути во СВР Тетово било пријавено дека патничко возило излетало од коловозот на мостот во тетовско Желино и паднало во водите на реката Вардар.

-Констатирано е дека во реката Вардар е паднато возило „фолксваген голф 4“, со кумановски регистарски ознаки. Во возилото кое е пронајдено и ќе се извлекува од реката, засега не се пронајдени лица. На самото место се јавен обвинител, увидна екипа од СВР Тетово и други полициски службеници, кои ги пребаруваат водите на реката, а повикани ќе бидат и нуркачки екипи од МВР со цел да се пронајде возачот на возилото и евентуално други сопатници. Се расчистува и документира случајот, информира тогаш Марјан Јосифоски, портпарол на СВР Тетово.

Слични содржини