По обраќањето на претседателот на Националното Собрание на Словенија, Дејан Жидан во македонското Собрание, пратениците на 11 февруари ќе го ратификуваат Протоколот за влез на земјата во НАТО, кој ќе има полноправна важност откако тоа ќе го стори Шпанија, последната земја од која се чека зелено светло за С. Македонија официјално да стане земја-членка на Алијансата.
Предлог-законот за Северноатлантскиот договор и официјално се најде на собраниската пленарна седница во вторник, која ќе се одржи во 15 часот, а која најверојатно ќе биде последна пленарна седница на овој парламентарен состав, бидејќи следното гласање ќе биде за распуштање на Собранието поради предвремените парламентарни избори.
За ратификација на Протоколот за влез на Северна Македонија во НАТО се очекува да биде едногласно изгласан од страна на сите парламентарни партии, откако опозициската ВМРО-ДПМНЕ излезе со јасен став дека ќе го поддржат влезот во Алијансата.
Иако земјава требаше тоа да го стори како последна, по даденото зелено светло од сите земји-членки, поради кризата во Шпанија и одолговелкувањето за состав на влада, се пролонгираше и ратификацијата за Протоколот за НАТО. На ратификацијата за Протоколот поканети се високи претставници, меѓу кои и Генералниот секретар на Алијансата, Јенс Столтенберг.
Македонија е втора земја која предвремено го ратификува Протоколот за НАТО. Со предвремена ратификација, а со важење по последното зелено светло отиде и Црна Гора во 2017 година.
А.Т.