ПРВИЧНИ ИСТРАЖУВАЊА: Третата доза „Фајзер“ предизвикува слични несакани ефекти како втората

од Vladimir Zorba

Повеќето луѓе кои ја примиле третата доза на вакцина против коронавирус од компанијата „Фајзер“/„Бајонтек“, доживеале несакани ефекти слични или помали отколку по примањето на втората доза, покажа првичната студија во Израел.

Пред околу десет дена, Израел започна да нуди „бустер“ доза за луѓе постари од 60 години, поради појавата на многу заразниот делта-сој.

Најголемата израелска здравствена институција, „Клалит“, во неделата објави дека повеќе од 240.000 луѓе биле имунизирани со третата доза на вакцината.

Околу 4.500 луѓе кои ја примиле третата доза од 30 јули до 1 август одговориле на прашањата на истражувањето.

Мнозинство од 88 проценти од учесниците во студијата рекле дека се чувствуваат „слично или подобро“ во деновите по примањето на третата доза во споредба со она што се чувствувале по втората доза, а 31 проценти пријавиле несакани ефекти – најчесто болка на местото на инјектирање.

Околу 0,4 проценти од испитаниците изјавиле дека страдаат од тешкотии при дишењето, а еден процент побарале медицинска помош поради еден или повеќе несакани ефекти, објави денеска Хина.

Шефот на одделот за истражување на „Клалит“, Ран Балисер, рече дека резултатите, иако се „првични и само-пријавени“, овозможуваат споредување на несаканите ефекти со втората доза и „излегува дека во повеќето случаи тие се слични или помалку по третата доза “.

Слични содржини