Мино Рајола, кој неодамна е во многу затегнати односи со Манчестер Јунајтед, стана агент на крилото на „црвените ѓаволи“ Џеси Лингард. Информациите се прилично интересни со оглед на неодамнешните коментари на Италијанецот, роден во Холандија.
Пред една недела, Рајола го навредуваше англискиот клуб велејќи дека во моментот нема да испрати никој во Манчестер Јунајтед затоа што „дури и Диего Марадона, Пеле и Пауло Малдини ќе пропаднат таму“. Клбот се обиде да го заобиколи Рајола во обид да привлече уште еден негов клиент, Ерлинг Холанд, кој на крајот замина во Борусија Дортмунд. Планот на Рајола е да започне со работа со повеќе англиски играчи, а Лингард е чекор во таа насока.
Инаку, агентот има многу играчи во Премиер Лигата, но тие се странци. Во претходните години, Рајола имаше огромно влијание во Манчестер Јунајтед и собра неколку „дебели хонорари“ од клубот, откако посредуваше во трансферите на Златан Ибрахимовиќ, Хенрих Мкитаријан, Ромелу Лукаку и Пол Погба. Потоа „Олд Трафорд“ одлучи дека е време да се стави крај на оваа пракса.