„Расфрлање“ со ветувања за подобар живот

од Vladimir Zorba
394 прегледи

Повисок стандард, плати од над илјада евра, достоинствени пензии, задоволни земјоделци…не се штеди во „расфрлувањето“ политички ветувања за поубав живот на просечниот Македонец.

Дали, сепак со годините почнавме да ја препознававаме лагата од вистината?

За дел од експертите, изборните програми во делот на ветувањата за подобар животен стандард на „обичниот“ граѓанин, се само дел од изборната кореографија и како такви и се перципираат од избирачите. Тие, според социологот Здравко Савески, многу малку влијаат врз одлуката за кого ќе се гласа на изборите.

Во оваа насока е и неговата забелешка во однос на делот на изборната програма на ВМРО ДПМНЕ каде се ветува отворање на голем број нови работни места.

Здравко Савески

Здравко Савески

„Може да се забележи потполна неинвентивност, односно се претпоставува дека ние сѐ уште имаме висока невработеност, па дека ќе може да се придобијат гласови преку ветувањето за отворање нови работни места и намалување на невработеноста на 0,5; 5,2 или 7,5%. Работењето во странство никогаш не било полесно од денес, па голиот факт на обезбедување нови работни места без при тоа да се адресира прашањето на пристојно плаќање на работата и обезбедување достоинствени работни услови тешко дека некого ќе го инспирира не само да гласа за ВМРО ДПМНЕ, туку и да работи овде, а не во странство“, вели за „Локално“, Савески.

За професорот Самоил Малчески, работите на терен се сепак поинакви. Според него, амбициозните изборни програми за повисок животен стандард можат да имаат цврста основа, но само доколку се поткрепени со економски аргументи и волја.

Самоил Малчески

Самоил Малчески

„За се ова што го пишувате да се оствари, на Македонија и треба раст на БДП од минимум 5% во континутет од минимум пет години. Нема никаква економска логика со раст на БДП од 2%, а во 2020 и со негативен раст, вие да ветувате плати од 600 и 1000 евра, повисоки пензии итн., притоа никаде да не го спомнувате растот на БДП. За разлика од СДСМ, ВМРО ДПМНЕ во својата програма предвидува раст на БДП од 5% на годишни ниво, со кој раст реално би се овозможило се што ветуваат во нивната програма“, вели Малчески за „Локално“.

Оттука според него, најголемата опозициска партија нуди сериозен концепт во рамки на својата изборна програма, што е спротивно на како што вели, празните ветувања на СДСМ, кои дополнително, се надоврзуваат на претходно неисполнетите од 2020 година

Според дел од експертите, долгогодишната сложена ситуација во нашата држава наметнува потреба од поинаков тип на предизборни ветувања, освен оние кои се однесуваат на повисок животен стандард.

Како најсериозен проблем го посочуваат масовното исселување, кое единствено може да се спречи со елиминирање на корупцијата, средување на јавното здравство и образованието, односно со ставање поголем акцент на квалитетот на животот наместо само на животниот стандард.

Во меѓувреме, ветувања има и во оваа насока, но основното прашање е дали има и волја тоа да се реализира.

К.В.С.

Слични содржини