„Нова војска” претставува термин кој турските медиуми го усвоија за да ги опишат промените кои се случија внатре во воената структура откако се донесе претседателскиот декрет за сеопфатна реформа на вооружените сили, објавен во Службениот весник во неделата, врз основ на законот за вонредна состојба која е прогласена по неуспешниот обид за воен удар на 15 јули. Најзначајните промени кои се наметнуваат со овој декрет се ставање на сите команданти на воените сили (копнените, воздушните и морнарицата) под надлежност на Министерството за национална одбрана, како и приклучување на Националната разузнавачка служба (MIT) и Генералштабот на вооружените сили на Турција на претседателството на републиката. 
Исто така, реоформите во вооружените сили подразбираат и затварање на сите досегашни академии и воени школи и основање на една кровна институција, Универзитет за национална одбрана, кој ќе биде замена за наведените. Над 3.000 војници се отпуштени од службата, вклучувајќи и офицери на врвот на воената пирамида.
Овие промени во војската покренаа широки шпекулации околу улогата која ќе ја има војската во политичката иднина и на кој начин тоа ќе се рефлектира на способноста на војската професионално да ги извршува своите должности.
Транспарентност и професионалност
Кога станува збор за промените во војската, Јасин Октај, заменик генерален секретар на Партијата за правда и развој, застана во нивна одбрана, изјавувајќи дека врската меѓу вооружените сили и граѓанското општество, на тој начин ќе воведе здрави и нормални рамки и дека ќе се намалат избрзаните и безобзирни одлуки кои би можеле да бидат донесени од влијателни лица на воената структура.
Овој турски политичар во својот разговор за Ал Џезира укажа дека овие реформи ја прават војската потранспарентна и по одговорна и дека со тоа се прекинува состојбата на изолација и мистерија која порано владееше во воените структури, со што се зголемува нејзината моќ и ефикасност.
Според Оклај, процесот на реформите има за цел да ја зајакне војската и да ја направи поспособна, како и да ја извади од кругот на заканите на турскиот народ и демократските искуства во полето на професионалното делување како институција одговорна за одбрана на народот и за негова заштита.
Турскиот министер за одбрана Фикри Исик најави дека војската нема да го слави „Денот на победата” кој се одбележува на 30 август со оглед на вонредните околности низ кои минува државата по обидот за воен удар. Треба да се има предвид дека оваа прослава, со која се има за цел да се одбележи победата на револуцијата за осамостојувањето, претставуваше прилика за приредување на воени паради во турските градови уште од 1922 година.
Од своја страна, политичкиот аналитичар и експерт за турските прашања др. Али Бакир смета дека се уште е прерано да се донесуваат било какви оценки за рефлексиите од процесот на реформите во турската војска. Очекува дека следниот период ќе сведочи за одредена неурамнотеженост и нејаснотии на ниво на координациите меѓу Генералштабот и Министерството за одбрана по обединувањето на трите војски и преносот на одговорноста на раководството на Владата која го претставува Министерството за одбрана.
Очекувани компликации
Бакир рече дека овој процес на промени во воените структури нужно бара одговор на актуелното прашање кога станува збор за улогата на Генералштабот во наредната фаза и смета дека постои голема веројатност дека „раководството на војската, на некој начин, ќе биде изгубено во моменталната состојба со оглед на тоа дека се менува страната од која примале инструкции и на која поднесувале извештаи”.
Бакир во својот говор за Ал Џезира укажа на компликации кои исто така се кријат во барањето на претседателот Реџеп Тајип Ердоган директно да ја контролира работата на Генералштабот, што би било мешање во постоечкиот политички систем, бидејќи тоа се спротивставува на посебен член на турскиот Устав кој се однесува на оваа одговорност.
Тој потенцира дека состојбата е комплицирана и кога се работи за административнит
е и логистичките прашања, вклучувајќи ги и компензациите на генералите кои се отпуштени по неуспешниот обид за воен удар, а чиј број изнесува 44 отсто од вкупниот број на генерали. Покрај тоа, се поставува и прашањето за степенот на ефикасноста на Универзитетот за национална одбрана чие основање е предложено со цел да произведе алтернативен кадар за вооружените сили, наместо поранешните академци од воените академии кои се затворени.
Реформите во структурата на војската ги опфатија и извршните структури кои раководат со вооружените сили со одлуката за отпуштање на 1.389 воени лица, покрај тоа дека 1.684 се отпуштени со претходниот претседателски декрет.
На списокот на отпуштени офицери се наоѓаат и тие на највисоките командни позиции, како Али Јазици, прв советник на претседателот Ердоган, Левент Туркан офицер за врски, началникот на Генералштабот на вооружените сили на Турција Хулуси Акар и полковникот Тевфик Гока шеф на кабинетот на министерот за одбрана на Турција Фикри Исик
Ал Џезира Балкан – Сараево