Рено дефинитивно се збогува со дизел моторите

од Vladimir Zorba
429 прегледи

Француски Рено е уште еден светски производител на автомобили кој се откажува од производство на дизел мотори.

Директорот на таа компанија, Лука де Мео, потврди дека Рено престанува да инвестира во развој на новата генерација на дизел мотори. Тој додаде дека постојните мотори dCi ќе бидат прилагодени, така што тие ќе можат да ги исполнуваат построгите стандарди за издувни гасови.

Уште пред официјалното објавување на оваа одлука, Рено беше на пат да ги „исклучи“ дизелите од својата понуда, па затоа некои модели веќе ги изгубија дизел верзиите. На ист пат тргна и романската „Дачија“, која не ја понуди својата најнова генерација модели „Сандеро“ и „Логан“ со дизел мотори.

На оваа одлука на францускиот производител и претходеше друга, која многумина ја оценија како одлука што навистина не им се допаѓа на љубителите на „мирисот на бензин и изгорени гуми“.

По потегот што прв го повлече Волво, Рено одлучи електронски да ја ограничи брзината на своите нови автомобили на 180 километри на час. Таа одлука ќе важи и за моделите на романска Дачија.

Новите модели ќе имаат автоматски систем за контрола на брзината – Safety Coach, кој ќе го прилагоди ограничувањето на брзината според локалните закони, во зависност од земјата, земајќи ги предвид различните аспекти, како што се квалитетот на патот и локалното време.

Волво минатата година ја ограничи максималната брзина на своите нови автомобили на 180 км на час. Шведската компанија беше мета на критики поради тоа, но потоа објави дека е подготвена да изгуби одреден број клиенти доколку таквата одлука спаси животи.

На повеќето европски автопати, максималната брзина е ограничена на 130 километри на час.

Слични содржини