Култниот Рено 4 е автомобил кој се има продадено над осум милиони примероци ширум светот, во текот на трите децении како што се произведува. Неговиот наследник, Рено 5, во своите две генерации ја надмина таа бројка за цел милион.
По бројните желби и неофицијални најави, двата легендарни модели сега навистина можеа повторно да заживеат во модерна верзија, и покрај фактот што францускиот производител одамна ги архивираше нивните имиња.
Меѓутоа, за разлика од оригиналните модели, современите Рено 4 и Рено 5 за погон би користеле исклучиво електрична енергија. Како што пренесува „Ројтерс“, првиот човек на компанијата на 14 јануари ќе претстави нов план за производство, со кој треба да се дефинира на кои модели Рено ќе се фокусира во иднина.
Еден аспект на оваа стратегија за заштеда е да се фокусираат на производство на помал број на попрофитабилни модели (на пр. електрични автомобили и модели на теренски возила / кросовери).
Веќе се шпекулира дека некои од актуелните автомобили, како што се „Talisman“, „Scenic“ и „Espace“, би можеле да бидат укинати, додека од друга страна се размислува за повторно воведување на моделите 4 и 5, но во верзии на струја.
Рено групацијата исто така планира нови електрични модели во рамки на спортскиот бренд Алпина, а неодамна е претставен и првиот електричен автомобил од марката Дачија, која исто така е во сопственост на оваа групација.