Решавањето на спорот за името повторно се враќа во фокусот

од Vladimir Zorba
148 прегледи

  Спорот за името по завршувањето на локалните избори во Македонија и успехот што го постигна владејачката коалиција, повторно се враќа во фокусот на меѓународната дипломатија, проследено со голем оптимизам и очекувања за негово конечно надминување, а првата средба на преговарачите на двете страни се очекува до крајот на месецов. Тоа со своите изјави деновиве го потврдија и премиерот Зоран Заев, шефовите на дипломатиите на Македонија и на Грција, Никола Димитров и Никос Коѕиас, како и оптимистичките најави на американскиот заменик-помошник државен секретар Хојт Ји. 

Премиерот Заев вчера изјави дека Македонија мора да биде подготвена за исчекор за прашањето за името, оценувајќи дека сега има поголеми шанси од порано да се изнајде решение со Грција.

– Со Република Грција имаме поголеми шанси од порано да изнајдеме решение. Очекувам дека до крајот на овој месец ќе почнат да се раздвижуваат работите, макар на преговарачите со Нимиц. Стојам на располагање и за премиерско ниво, министерот за надворешни работи е подготвен, веќе разговаравме со претседателот на државата. Во поглед на ова прашање Македонија мора да биде подготвена за исчекор конечно за решавање на ова прашање, рече Заев.

Тој изрази надеж дека опозицијата, исто така, ќе биде вклучена максимално, не за нови блокади и нови одложувања, туку во функција, вели, да изнајдеме решени за овој горлив проблем којшто е кочница на РМ и нејзините интегративни процеси.

Шефот на грчката дипломатија, Никос Коѕиас, пак, порано недлава изјави дека прашањето за името треба да се реши во првата половина од 2018 година и оти ако не се реши, ќе има големи потешкотии. Ако се реши, потребни се три до четири месеци бирократска процедура во ОН. Така, треба да се реши до крајот на 2018 година, затоа што 2019 ќе започне со избори за претседател во Македонија, а потоа, летото и во Грција ќе има избори.

Според пишувањето на грчки медиуми Коѕиас, лично сакал да се реши прашањето за Скопје,  во рамки на поширок контекст, според кој Атина мора да ги затвори сите отворени фронтови за да се фокусира на средување на грчко-турските односи.

Високиот претставник на Стејт департментот Хојт Брајан Ји, деновиве излезе со став дека решавањето на прашањето за спорот со името е досега на највисоко ниво и најблиску до изнаоѓање решение.

– Има уште многу работа да се заврши, и тоа од двете страни. Ќе има преговори и јас сум оптимист дека ќе има решение затоа што расположението и во Грција и во Македонија е на највисоко ниво од кога било досега, истакнал заменик-помошникот американски државен секретар Ји во Центарот за меѓународни односи во Вашингтон.

Коментирајќи ја оваа изјава на американскиот заменик-помошник државен секретар шефот на македонската дипломатија Димитров посочи дека постои обид да се создаде една позитивна клима, што според него, се должи на научената лекција со Македонија што може да се случи кога некоја земја е оставена долго време во чекалната на ЕУ.

– Оттука, има една политичка волја, еден оптимизам да се извлече лекција и да се отворат вратите. И оттаму вакви охрабрувачки пораки, вели Димитров.

Тој најави дека до крајот на овој месец  ќе се одржи средба на ниво на преговарачи во врска со спорот за името.

– При крај сме со утврдување на датумот. Во оваа прва фаза нема да има посета на медијаторот Метју Нимиц на регионот. Најверојатно тоа ќе биде овој месец и штом сето тоа се дефинира ќе информираат од канцеларијата на медијаторот, изјави деновиве Димитров.

Под наслов „ПЈРМ на 11-12 јуни 2018 влегува во НАТО, прашањето за името во рацете на Коѕиас и Сириза“, грчкиот портал „диферњуз“ објави текст во кој тврди дека постои утврден распоред за решавање на проблемот, кој Грција го има со уставното име на Република Македонија.

Според порталот, кој се повикува на доверливи извори во грчките дипломатски кругови, Македонија, според распоредот, прво ќе ги повлече статуите и „целосно ќе го уништи планот Скопје 2014“ со цел да влезе во НАТО.

„Прашањето за името на ПЈРМ влегува во финална линија, и на самитот на НАТО на 11-12 јуни 2018 година во Брисел, ќе има дефинитивно решение за името што ќе и овозможи на поранешната југословенска Република Македонија да влезе во Aлијансатa“, пишува порталот и додава дека доколку се се одвива според планот, тоа ќе има и симболика, затоа што ќе се случи точно 10 години од ветото на Грција на самитот на НАТО во Букурешт во 2008 година.

Прво, според „Ta NEa“, до февруари треба да има видлив напредок. Потоа, во април следната година Европската комисија ќе го претстави извештајот за напредокот во проширувањето, со барањето на Македонија да добие датум за почеток на пристапните преговори.

Ваквиот интерес силно да се притисне за името може да се објасни со констатација дадена на форум во Центарот за меѓународни односи во Вашингтон на која учествуваше и заменик-помошникот државен секретар Ји, дека иако Македонија навидум има најмалку проблеми околу мировните договори, сепак нејзината безбедност зависи со решавањето на спорот со името и влезот  во НАТО./MIA

Слични содржини