Рускиот претставник во Брисел го изнесе својот став за референдумите

од Stefanija Kuzmanovska

Вршителот на должноста постојан претставник на Русија во Европската унија, Кирил Логвинов, во разговор со претставниците на Европскиот совет за надворешни работи во Брисел рече дека фактот што ЕУ ги осудува и не ги признава референдумите во четирите украински региони и нивното припојување кон Русија, „нема да влијае на свесниот избор на жителите на овие региони во корист на Русија“.

Како што информираат од руската дипломатска мисија, во разговорот станало збор и за санкциите на ЕУ против Русија, вклучително и претстојниот осми пакет, пренесува РИА Новости.

„Руската страна уште еднаш ја нагласи нелегитимната и неоправдана природа на таквите еднострани мерки кои само ја поткопуваат глобалната енергетска и прехранбена безбедност и ја влошуваат социо-економската ситуација на самите Европјани“, се вели во соопштението.

Истакнува дека руската страна навестила дека реализацијата на идејата за создавање мисија на ЕУ за поддршка на украинската армија ќе се сфати „како директно вклучување на Европската унија како спротивна страна во конфликтот во Украина, со сите последици што произлегуваат од тоа“.

Претходно портпаролот на ЕУ, Петер Стано, изјави дека вршителот на должноста амбасадор на Русија во ЕУ е поканет на состанок во рамки на координираниот протест на европските земји поради референдумот во Народните републики Луганск и Доњецк, Запорожје и Херсонската област.

Од 23 до 27 септември се одржаа референдуми за влез на тие територии во Руската Федерација.

Слични содржини