Генералниот секретар на НАТО Марк Руте денеска за Би-Би-Си изјави дека судирот меѓу американскиот претседател Доналд Трамп и украинскиот претседател Володимир Зеленски во Белата куќа е „несреќен“ и дека двајцата лидери треба да работат на поправка на нивните односи.
„Разговарав со претседателот Зеленски двапати по телефон. Му реков ова: мораме да останеме заедно – САД, Украина и Европа – за да ја доведеме Украина до траен мир“, рече Руте.
На прашањето што му рекол Зеленски за средбата со Трамп, Руте одговори дека не може да ги открие деталите од разговорот, но нагласи: „Она што му го кажав јасно е дека навистина мораме да го почитуваме она што претседателот Трамп досега го направи за Украина“, мислејќи на напредните противтенковски системи Javelin што САД претходно му ги доставија на Киев.
Руте нагласи дека Украина немало да биде „никаде“ без американската поддршка. „Му реков: Навистина треба да му оддадеме признание на Трамп за она што го направи тогаш, за она што Америка го направи оттогаш и она што Америка сè уште го прави“.
Тој, исто така, инсистираше на тоа дека Трамп е посветен на обезбедување траен мир во Украина, но очекува поголеми трошоци за одбрана од европските членки на НАТО и од Канада.
„Слушајте, разговарав со Доналд Трамп половина час во четвртокот. Ние сме пријатели. Работевме заедно со години. Знам дека тој е посветен да ја доведе Украина до траен мир. Тој е посветен на НАТО. Се разбира, тој очекува европските сојузници во НАТО и Канада да инвестираат повеќе и да го зголемат производството на оружје. И тој е во право за тоа. Апсолутно сум убеден дека САД сакаат да ја доведат Украина до траен мир. Ова ми го кажаа сите високи претставници на администрацијата за време на моите разговори со претседателот Трамп. Но, она што е клучно е сите да соработуваме во овој процес” изјави Руте
Исто така, важно е претседателот Зеленски да најде начин да ги обнови односите со американскиот претседател и највисоките функционери во Вашингтон“, истакна првиот човек на НАТО . „Вчера разговарав за ова со Зеленски, но и со британскиот премиер Кир Стармер. Двајцата ќе се сретнат денеска, а утре ќе се одржи важен состанок во Лондон. Кога ќе се постигне мировен договор, од клучно значење е – и мислам дека тоа ќе биде јасно по утрешниот состанок – дека многу европски земји се подготвени да дадат безбедносни гаранции за Украина и да се погрижат овој мировен договор да биде издржлив и Русите никогаш повеќе да не го доведуваат во прашање“, заклучи Руте.