САД ја ограничуваат испораката на оружје за Саудиска Арабија поради јеменската војна

од Vladimir Zorba

САД одлучија да ја ограничат продажбата на оружје за Саудиска Арабија, поради загриженоста околу цивилните жртви во Јемен, при воздушните напади на саудиските авиони врз позициите на бунтовниците Хути во јеменската граѓанска војна.


Во соопштението на американскиот Пентагон се вели дека со забраната се опфатени наведувани ракети и бомби кои се користат при воздушните напади.

Администрацијата на претседателот Барак Обама соопшти дека е загрижена околу случувањата во Јемен поради воздушните напади, во кои најчесто жртви се цивилите.

Во октомври при еден таков напад беа убиени над 140 лица додека присуствуваа на еден погреб, за што беа обвинета Саудиска Арабија и нејзините сојузници.

Властите во Ријад ја предводат коалицијата на сунитски држави кои се вклучија во јеменската граѓанска војна на страната на претседателот Абд Рабух Мансур Хади, против бунтовниците шиити, кои ја имаат подршката од Иран.

Портпаролот на Националниот совет за безбедност на САД, Нед Прајс го осуди бомбардирањето на цивилите во јеменскиот конфликт, порачувајќи и на Саудиска Арабија дека воената соработка со САД „не е бланко чек“.

Забраната за испорака на наведувано оружје сепак не значи прекин и на безбедносната соработка, како и на префрлањето на американски разузнавачки информации за Ријад.

Војната во Јемен почна во 2014 година кога шиитските бунтовници Хути се спротивставија на обидите на сунитската влада во Сана за уставни реформи во земјата.

Многу брзо, Хутите го освоија јеменскиот главен град и ги протераа министрите од Сана. Од градот побегна и претседателот Хади кој подоцна се врати во Аден во јужниот дел на Јемен.

Слични содржини