САД водат своја борба и ја „забораваат“ Украина: „Русија ќе проба да ја искористи ситуацијата, иако не покажува воена моќ во размери кои би ја завршиле воената операција“

Војната во срцето на Европа нема повеќе никаква смисла од воен аспект, вели воено-безбедносниот аналитичар Милан Стефановски за „Локално“

од Nikola Popovski
29 прегледи Фото: Јутјуб/Принтскрин/Би-Би-Си

Украина останува врвен приоритет за САД, Вашингтон верува во мирно решение- изјави американскиот претседател Доналд Трамп, во момент кога Киев стравува дека кризата на Блискиот Исток би можела да фрли сенка на мировните напори за ставање крај на војната. „Што се однесува до Русија и Украина, каде се на мојата листа на приоритети? Многу високо. Понекогаш го обвинувам едниот, понекогаш другиот. Но, верувам дека ова мирно решение ќе се случи“, изјави синоќа Трамп.

Украинскиот претседател Володимир Зеленски соопшти дека соработува со земјите од Заливот погодени од војната во Иран и е во солидарност со сите кои се спротивставуваат на ширењето на насилството, истовремено изрзаувајќи загриженост дека Украина би можела да остане без системите „Патриот“ додека Русија ги интензивира нападите.

„Со децении, иранскиот режим инвестираше во уништување на животите на своите соседи и на другите каде и да можеше да стигне. Станаа соучесници на Русија во војната против Украина. Секој дрон „Шахед“ на украинското небо докажува дека иранскиот режим мора да биде одговорен за своите обиди да уништува животи и да убива луѓе“, изјави Зеленски.

Од друга страна, европските претставници стравуваат дека американскиот фокус на конфликтот со Иран може да го намали вниманието и снабдувањето со оружје за Украина, што би ја отежнало одбраната од руски напади, објави бриселски „Политико“.

Дали конфликтот на Блискиот Исток значи дека војната во Украина ќе биде заборавена?

Според, политикологот и воено-безбедносен аналитичар, Милан Стефановски, конфликтите ја димензионираат перцепцијата врз основа на медиумите, актуелноста и можните пошироки последици, но во ниту еден случај не може да биде заборавен 4-годишниот разорен конфликт во срцето на Европа.

-Можеби фокусот ќе биде насочен на новиот конфликт на Блискиот Исток, но силината на амплитудата на конфликтот во Украина сигурно не, вели Стефановски во анализа за „Локално“.

Милан Стефановски – Фото: Јутјуб/Принтскрин/Алфа ТВ

Со оглед дека САД го насочува погледот кон Иран, се поставува дилемата дали пропаѓа можноста за мирно решение на фронтот во Украина. Соговорникот оценува дека еден ден сигурно ќе дојде до мирно решение бидејќи теоретски ниту една од страните не може да направи стратешки и одлучувачки исчекор на воениот фронт.

-Фокусот на САД во овој контекст дефинитивно ќе биде насочен во следните месеци кон Иран. Но, тоа би значело или брзо решавање на конфликтот во Украина или одложување. Но, и во двата случаи тој конфилкт го доживеа својот пик или зенит. Таму веќе постои фронт и војна до исцрпување. Таа војна нема повеќе никаква смисла од воен аспект, тврди аналитичарот.

Стефановски смета дека Русија со сигурност ќе проба да ја искористи оваа ситуација, бидејќи САД со сигурност нема да продолжат да ја димензионираат воената помош со силна динамика.

-САД имаат и ќе имаат други предизвици во светот. Без САД тешко дека Украина ќе има силен отпор. Но, од друга страна Русија не покажува воена моќ во размери кои би ја завршиле воената операција и би ги постигнале воените цели во следниов период, заклучува воено-безбедносниот аналитичар.

Фото: Printscreen/Youtube/
CBC News: The National

Под притисок на револуционерната гарда, Иран го избра Мојтаба Хамнеи, синот на убиениот ајатолах, за нов врховен водач на Исламската република-објавија иранските државни медиуми. Изборот доаѓа во момент на ескалирачки американско-израелски воени операции во Иран. Американскиот претседател Трамп претходно изрази загриженост дека нападите би можеле да доведат до ново раководство што би било исто толку проблематично за Вашингтон како и режимот што САД и Израел се обидуваат да го соборат.

Во истовреме, Техеран жестоко одговара на продолжениот бран напади од Израел и САД. Експлозии одекнаа во близина на американскиот конзулат во Дубаи, гори нафтен објект во Фуџиара, нападната дипломатска станица на САД во Ирбил во Ирак додека британски авиони пресретнуваат ирански дронови над Јордан, Ирак и Катар. Вашингтон тврди – Иран е речиси уништен. Нема да дозволат Техеран да има нуклеарно оружје.

И додека САД наредија прекин на сите дипломатски врски со Шпанија поради нивните ставови во однос на воените операции во Иран и користењето на базите, Германија ја истакна поддршката и заедничката позиција во однос на иранскиот режим. Во меѓувреме Франција нареди преместување на нуклеарниот носач на авиони од Балтичко Море во Медитеранот по нападите во Кипар додека европските земји и САД продолжија со евакуација на своите граѓани од погодените подрачја.

Н.П.