Салиери, еве ти ги писмата

од Vladimir Zorba
205 прегледи

 Високо на Пелистер вирее едно смрдливо цвеќе, колку повеќе го газиш, толку повеќе смрди.

 

Засега доволен ќе биде погорниот инсерт од писмото за да му помогне на Атанас Вангелов да си ја освежи меморијата. Писмото со неговиот потпис содржи две густо на машина отчукани страници, испратено е од Париз на 15 април 1984 година. На првата страница бара јас да го нарекувам “пичка”, додека на втората, десетина реда пред потписот сам се нарекува. Значи, не еднаш туку двапати. Ќе го оживиме писмото за да му ја освежиме меморијата, затоа што тоа го побара. Во тоа писмо самиот предлага да го нарекувам и “лајно” не само “пичка” затоа што не верувал “дека секогаш го избирам потешкиот пат”.

Ќе му ги стокмиме сите писма за спомен и долго сеќавање. На грбот од едно негово писмо, неговиот кум Петре М. Андреевски, во специјално расположение во клубот на “Вардар филм”, откако ја прочитал мојата “Египетска сонувалка” го има напишано следното: “Како 3D техника – читаш, гледаш и уживаш”. Тоа најилустративно потврдува колку Вангелов е далеку од реалноста и зошто никој не го поддржа во намерата да ме уништи и да ме протера од Македонија. Тој кампањата против мене ја започнал во стартот на својата политичка моќ, кога творците го нарекувале Гебелс во културата и се плашеле од него.

Тогаш имав само 6 романи, сега по 30 години 21 роман. А тој упорно ја ора истата бразда како некој мал Сизиф од Богданци, кому доматите не му виреат затоа што ја испоганил земјата. За ова долго време можеше да биде порационален и да си напише барем една добра книга.

Мошне индикативно за неговиот карактер е и писмото во ракопис што ми го испрати од касарната во Војводина, каде што тврди дека пријателите му ветиле материјална помош за сопругата Аница “но го изиграле”. И сега го моли својот “непријател” за помош. Имено, тој замина во касарната откако изеде ќотек од мене.

Не сум кренал рака на никого освен на ова препотентно и во творечка смисла импотентно суштество. Слегував по скалите од печатницата “Гоце Делчев”, преморен од читање шпалти, кога ме пресретна тој во друштво на Петре М. Андреевски и почна да ме навредува.

Кумот побара да си ја затвори устата, но Атанас уште пошироко ја отвори како некоја пачавра. Морав да го кутнам на земја. И никој не сакаше да го брани. Сепак, месеци потоа, кога го добив неговото писмо со апел за помош, без размислување слегов кај Јоле и Почу во клубот на писателите, позајмив едно купче пари и организирав тие да стигнат во рацете на Аница, која уредно се потпиша на признаницата. Потоа од Атанаса го добив и тоа писмо во ракопис со изрази на немерлива благодарност, “верно сум бил другариште”, според него.

Високо на Пелистер вирее едно смрдливо цвеќе, колку повеќе го газиш, толку повеќе смрди.

 Едно чудо фото документи поседувам “во врска со моите преписи”, како што вели овој папагал. Од блокчето со мојот ракопис што докажува дека Атанас лаже кога ми подметнува коавтор, до оригиналните записи што сум ги направил во Перт, Австралија. Толкупати сум раскажал дека есента 1971 година го запознав тој негов “автор Шате”, земјоделец од мојот роден крај, кој се вратил од морињата. Ми се виде многу интересен како прототип за мојот херој во романот, го замолив да отседне во “Арапска куќа” на моја сметка и во наредните четири дена да ми евоцира спомени. Дактилографката го отчука тој материјал од моето блокче, искористив 16 страници за романот и потоа му ги подарив сите 60 страници, затоа што тоа беа негови спомени. Мораше ли Атанас да го користи неговиот син и да го вработува како демонстратор на својата катедра само за да разгори “афера во мое отсуство” додека се борев со ветерниците на туѓината за да ги основам првите и единствените македонски неделни весници на слободниот англиски пазар?
Стопати ја повторува реченицата на Славко Јаневски кој се прашал “каде е Божин да се одбрани од нападите на Атанаса”, дали ја губи битката па затоа не се појавува. Зини да ти кажам каде бев, “интелектуално лајно”, како што бараш да те нарекувам во твоето писмо од Париз.

Зошто Академијата на науките и уметностите, Друштвото на писателите и јавноста не мислат да ја прифатат кампањата на нашиов упорен Салиери? Затоа што освен неговите превртливи книжевни толкувања – од тоа дека мојот “Вест Ауст” бил роман со најдобра композиција, до ова дека сум лош писател – постои библиографија од над илјада критички толкувања, дома и во светот, а пак моите романи доживеале повеќе од 70 изданија на други јазици. Ниту едно мое дело не користи државни субвенции. Се разбира, мене неговото пишување не ми пречи затоа што според Борхес “и негацијата може да испадне одлична афирмација”. Но ми пречи тоа што овој интелектуален мародер сака да се наметне како некаков политички авторитет.

Според својот опус Атанас Вангелов е маргинален романсиер, неуспешен драмски писател и многу лош поет. Згора на тоа, особено злобен и злокобен човек, кој не можел да почека “неговиот добротвор” прво да се врати од неизвесната туѓина, дури потоа да распали по него.

Анегдотата на Славко Јаневски: “Не помагај му на дефектен човек, нема никогаш да ти прости” навистина добро му прилега.

Божин Павловски