Во бугарскиот црноморски град Варна вечерва ќе се одржи Самит ЕУ-Турција, посветен на билатералните односи и соработка.
Според најавите од Брисел, на средбата во Варна, ЕУ ќе ја претставуваат претседателите на Европскиот совет и на Европската комисија, Доналд Туск и Жан-Клод Јункер и буграскиот премиер Бојко Борисов, чија земја е актуелен претседавач со Унијата, додека Турција ќе ја претставува шефот на државата Реџеп Тајип Ердоган.
Предвидено е на средбата да стане збор за можностите за унапредување на меѓусебните односи врз основа на взаемно почитување и заеднички интереси, како и за состојбите во Турција, првенствено во однос на почитувањето на владеењето на правото и на основните права и слободи.
Средбата во Варна се одржува во време на зголемени тензии меѓу ЕУ и Турција во врска со спроведувањето на договорот за спречување на мигрантскиот прилив кон Европа од март 2016 година, како и поради обвинувањата од Брисел се непочитување на човековите права во Турција, по обидот за воен удар од јули 2016-та.
Во пресрет на средбата, Европската комисија минатата недела се заложи за доследно почитување на договорот за миграцијата и најави исплата на целата ветена помош за згрижување на речиси 1,2 милиони сириски бегалци во Турција.
Претходниот Самит ЕУ-Турција се одржа на 25 мај минатата година во Брисел.