Санкциите кон НИС ќе немаат директно влијание врз македонската економија

Македонија нема да биде погодена од санкциите на САД врз НИС, од Србија увезуваме под 1% - велат од РКЕ за „Локално“

од Nikola Popovski
68 прегледи Фото: Јутјуб/Принтскрин/НИС

Од вчера во сила се американските санкции против Нафтената индустрија на Србија (НИС) поради мнозинската руска сопственост во компанијата. Компанијата објави дека во моментов се обезбедени доволни резерви на нафта за преработка, а бензинските станици се соодветно снабдени. Српскиот претседател Александар Вучиќ изјави дека гориво ќе има до крајот на годината. Тој нагласи дека НИС може да работи без снабдување со нафта до 1 ноември. Според него, санкциите на НИС не се насочени против никого во државниот врв, но дека ќе се почувствуваат во „политичка, економска, социјална и која било друга смисла“. Вучиќ изјави дека разговарал со рускиот амбасадор и дека разговорите со американските претставници ќе продолжат. Вашингтон ги најави санкциите уште во јануари, но нивната примена беше повеќепати одложувана.

Откако пред Србија е тешка зима, се поставува прашањето дали ваквите санкции ќе имаат некакво влијание и врз соседството, особено Македонија, односно какво ќе биде влијанието на пазарот на нафта. Од Регулаторната комисија за енергетика (РКЕ) ја смируваат ситуацијата. Во одговор за „Локално“, велат дека санкциите на САД врз НИС нема да влијаат врз пазарот на нафта во земјава, од причина што најголем дел (скоро 86%) од нафтата која е достапна во земјава е од увоз од Грција, додека од Србија се увезува под 1%.

-Согласно Годишниот извештај на РКЕ за 2024 година трговците на големо со сурова нафта, нафтени деривати, биогорива и горива за транспорт, го вршеле увозот на нафтените деривати во земјава од 11 држави, при што најмногу нафтени деривати биле увезени од соседните држави: и тоа од Грција 85,98%, потоа од Бугарија 10,49%, Албанија 2,27%, Србија 0,96%, Црна Гора 0,15%, Романија 0,09% и мал процент на увоз од други земји, додаваат од РКЕ.

Според податоците на Државниот завод за статистика, Србија е наш петти најголем надворешно-трговски партнер (по Германија, Велика Британија, Грција и Кина, а пред Бугарија, Турција и Италија). Минатата година заклучно со ноември, вкупната размена со Србија надмина една милијарда евра (1,02 милијарди евра) и беше за 3,9 отсто поголема од истиот период претходната година. Ова е уште позначајно ако се има предвид дека во истиот период лани вкупната размена со светот беше намалена за речиси три отсто. Исто така, важно е што лани извозот од Македонија кон Србија се зголеми за 13 отсто и достигна 413,3 милиони евра, а увозот беше помал за 1,5 отсто и изнесуваше 611 милиони евра, што значи дека и традиционалниот дефицит што го имаме со оваа земја беше намален.

Лани заклучно со ноември, Македонија извезла минерални горива, мазива и сродни производи за 240,1 милиони евра, за 24,5 отсто помалку од истиот период 2023 година. Истоврмено, увозот на горива бил во вредност од 1,16 милијарди евра, 12,8 отсто помалку од истиот период претходната година, покажуваат податоците на Државниот завод за статистика.

Нафтената индустрија на Србија беше ставена на списокот на санкции на САД на 10 јануари поради таканаречениот „секундарен ризик“, односно мнозинското руско сопствеништво на компанијата. Од јануари, САД го одложија спроведувањето на санкциите осум пати. Санкциите на САД имаат за цел, меѓу другото, да го спречат финансирањето на војната во Украина преку пари што доаѓаат од руски енергетски компании.

НИС е најголема енергетска компанија во Србија, контролира повеќе од 80 отсто од пазарот на нафтени деривати, со единствена рафинерија во Панчево и преработува сурова нафта што во најголем дел доаѓа од Русија, преку Хрватска или Унгарија.

Хрватска е директно засегната бидејќи голем дел од увозот на нафта за НИС оди преку државната ЈАНАФ која само до 31 декември ќе загуби 18 милиони евра па затоа хрватскиот министер за економија Анте Шушњар најави дека Хрватска „испружила рака“ и  е подготвена да го купи рускиот удел во НИС.

„Ние сме спремни за таа опција, ако тоа го реши проблемот. На тој начин ќе се обезбеди континуитетот на Јадранскиот нафтовод, кој веќе 40 години е тесно поврзан со НИС, без претензии да се завладее со малопродажниот пазар во Србија“, изјави Шушњар.

Н.П.