СДСМ: Коалицијата Арсовска-ДПМНЕ-Левица ја оставија Универзална сала да пропаѓа

од Nikola Popovski

СДСМ обвини дека „коалицијата Арсовска-ДПМНЕ-Левица застана против проектот за реконструкција на Универзалната сала, каде работите стојат во место повеќе од една година, откако градоначалничката реши да не го продолжи овој проект“.

Од партијата информираат дека не ја ставиле ниту на дневен ред на Советот на Град Скопје иницијативата на советничката група на СДСМ за времено отстапување на Универзална сала од Град Скопје на Владата на Република Северна Македонија, која е подготвена да ја заврши реконструкцијата.

-Владеачката коалиција на ВМРО-ДПМНЕ – Левица во град Скопје и Арсовска, и покрај обезбедните средства, ја оставија Универзалната сала да пропаѓа. Ако веќе Арсовска не сака и не може да ја доврши реконструкцијата на симболот на Скопје, Владата која е и финансиер на овој проект, има и волја и можност тоа да го стори. Арсовска-ДПМНЕ-Левица не ги засега ниту тоа што Универзална сала, како носител на проектот Скопје Европска престолнина на културата – 2028 година е влезена во потесниот избор, порачуваат од владеачката партија.

На вчерашната седница на Советот на Град Скопје, само 9 советници гласаа „за“ времено отстапување на Универзална сала од Градот на Владата.

Претседателот на комисијата за култура, Страшо Ангеловски, рече дека немало потреба од итност за ваква иницијатива. Тој информираше дека добил писмо од министерката за култура во кое се бара да се промени инвеститорот на реконструкцијата на Универзална сала и дека сега очекува средба со министерката Бисера Костадиновска-Стојчевска.

-Бидејќи станува збор за неколку правни нешта кои треба да бидат усогласени, побарав средба со министерката. Очекувам дека тоа ќе се случи многу скоро деновиве, рече Ангеловски, кој додаде дека штом Универзална сала не била реновирана пет или шест години, може да почека уште некој ден.

 

Слични содржини