СДСМ: Лагите на Љутков се обид за покривање на неговите хонорари и хонорарите на неговата сопруга за „патриотски проект“, финансиран во неколку општини под капата на ДПМНЕ

од Nikola Popovski

Лагите на актерот Љутков и ДПМНЕ се всушност параван, очаен обид за покривање на неговите хонорари и хонорарите на неговата сопруга за наводно „патриотски проект“ кој е финансиран во неколку општини под капата на ДПМНЕ, велат од СДСМ по обвинувањата до министерката за култура, Бисера Костадиновска-Стојчевска околу објавената годишна програма.

Според партијата на власт, без јавен повик во овој проект е ангажиран тој и неговата сопруга Маја.

-Љутков треба да излезе пред граѓаните и да одговори зошто немало јавен повик на кој е избран баш за овој проект Како тоа општини под капата на ДПМНЕ се сeтија САМО на Љутков како претседател на комисија на ДПМНЕ и на неговата сопруга? Кои се условите што ги исполнува САМО тој и неговата сопруга? Нема ли и други кои Македонија ја носат во срце или само тој со сопругата се тие? Колку искуство има продукцијата за организација на вакви “патриотски” настани? Колку пари му требаат на Љутков за да си го нахрани лажниот патриотскиот дух, односно џебот?

На крај дали и Рацинови треба да ги уништи за нови парИ преку едно од многуте здруженија? Јавноста очекува одговори од Љутков и ДПМНЕ, стои во соопштението на СДСМ.

Љутков претходно обвини дека министерката за култура не кажала кои се членовите на членовите на комисиите кои се потпишале на скандалозната програма без концепт и стратегија.

-Нека ни каже министерката дали назначената претседателка на комисијата за интердисциплинарни дејност, освен што е истакнат активист на СДСМ е и член на извршната канцеларија на МЛАДИНСКИ КУЛТУРЕН ЦЕНТАР Битола, па дали тоа не е конфликт на интереси, дотолку повеќе, што во оваа дејност се доделени 656.000 денари за проектот „Битола отворен град 2024“ во организација на истиот тој МКЦ. Притоа, голем дел на членовите на комисии се повеќе препознатливи по својот партиски отколку професионален ангажман.

Во однос на одобрениот проект на Албанскиот театар од Скопје, кој е дел од Годишната програма на Националните установи во меѓународна дејност, цитираме: „РЕАЛИЗАЦИЈА на фестивалот „МОИСИУ“ во Приштина, Косово“ со 1.800.000 денари, повторно ја повикуваме министерката да објасни зошто е проектот така насловен и зошто сите останати театри кои се финансирани за учество во многу подалечни земји се поддржани со десет пати помали средства? И доколку станува збор само учество, како тоа за 100 километри пат, министерството издвоило 1.800.000 денари?!

А што се однесува до заедничкиот именител на „Здружението на граѓани за поинакво делување АРТАКТ, „Друштво за производство, трговија и услуги ТРИЧЕТВРТИ увоз-извоз ДООЕЛ“ и Сташа Божиновска, сите од Битола, очигледно ќе мораме ние да ја информираме македонската јавност дека се работи за лице кое е директно врзано со најблискиот соработник во кабинетот на Костадиновска Стојчевска, а позади овие „тешки“ проекти стојат имињата на неговата ќерка, сестра и вработена и прва соработничка во неговата фирма. Уште еднаш да потсетиме дека наведените проекти се финансирани од министерството за култура со преку 2.000.000 денари, стои меѓу другото во изјавата на Љутков и ВМРО-ДПМНЕ.

Слични содржини