СДСМ: Мицкоски ја загрозува истрагата за Онкологија – не постои извештај за периодот до август 2023

од Nikola Popovski

СДСМ утрово преку соопштение порача дека лагите на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски за случувањата на Клиниката за Онкологија се демантирани, односно дека не постои и воопшто не е изготвен извештај што го опфаќа периодот до август 2023 година.

Според партијата, сите докази во предметот се обезбедени и веќе се предмет на анализа, која ги испитува сите евентуални незаконитости без разлика кога се случиле.

-Лагите на Мицкоски, кои ја вознемируваат јавноста, претставуваат обид за упад и ја загрозуваат истрагата за Онкологија. Очигледно Мицкоски свесно ја загрозува истрагата за Онкологија и прашање е која е неговата цел, дали сака да ја попречи правдата.

После 20 години, гласини и индиции во голем број на сектори, а особено во здравствениот сектор, за прв пат во време на СДСМ институции влегоа и направија акција за расчистување, истакнаа од партијата на власт.

Опозицискиот лидер вчера објави документација според која на Онокологија и оваа година незаконски се набавувале лекови, пациентите во торба си ја земале хемотерапијата и ја примале по други болници, а надлежните набавувале лекови и во ситуација кога имале полни магацини со залихи.

Според вонредната финансиска контрола на Фондот за здравство која оваа пролет ги чешлала набавките на Онкологија констатирано е дека веледрогериите доцнат со испораката на лекови поради што пациентите остануваат без терапија, а за сето тоа болницата молчи за, како што вели Мицкоски, да не и даде негативни референци на омилената веледрогерија на власта по што таа не би можела да учествува на тендери.

Денеска продолжува собраниската комисија за овој случај. Опозицијата бара да се прошири анкетната комисија и да го опфати периодот, од извештајот на ФЗО.

Слични содржини