СДСМ: Примерот со Хрватска е јасен – со членството во ЕУ земјата има добиено 12 милијарди евра

од Nikola Popovski

Лагите на опозицијата за бугаризација, асимилација, губење на македонскиот јазик и идентитет, потонаа целосно. Преговараме со ЕУ на македонски јазик, македонскиот идентитет е заштитен, велат од СДСМ, нагласувајќи ја потребата од носење на уставните измени, за продолжување на европскиот пат на Македонија.

Од партијата на власт порачуваат дека блокадите без аргументи се на директна штета на државата и на народот.

Членствово во ЕУ носи бројни економски придобивки и значат подобар животен стандард за граѓаните и пристап до развој и фондови. Примерот со Хрватска е јасен, со членството во ЕУ земјата има добиено 12 милијарди евра, децидни се од СДСМ.

Додаваат дека уставните измени се за доброто на граѓаните, за продолжување на европскиот пат, за државата да стане членка на ЕУ до 2030 година.

Предлогот за пристапување кон измена на Уставот го подготви работната група составена од експерти, професори од неколку универзитети во државата, како и претставници на политички партии. Предлогот е изработен врз основа на Заклучоците на Собранието донесени на седницата одржана на 16 јули 2022 година, а врзани со Заклучоците на Советот на Европската Унија, и Заедничкиот став и воведната изјава на ЕУ на Политичкиот состанок на Меѓувладината конференција за пристапување на Северна Македонија во Европската Унија.

Интервенциите во Уставот се однесуваат на додавање делови од народи во Преамбулата и членовите 49 и 78 од Уставот, при набројувањето на деловите од народи во државата. Во формулацијата: „Граѓаните на Република Северна Македонија, македонскиот народ, дел од албанскиот народ, турскиот народ, влашкиот народ, српскиот народ, ромскиот народ, бошњачкиот народ и другите“, после зборот бошњачки народ се става запирка и се додава: бугарскиот народ, хрватскиот народ, црногорскиот народ, словенечкиот народ, еврејскиот народ и еѓипќанскиот народ. Согласно ова, направена е измена и во Комитетот за односи меѓу заедниците за запазување на париретот на претставниците во Парламентот на сите вака утврдени заедници во Преамбулата на Уставот.

Според проценките на собранискиот спикер Талат Џафери искажани на еден од брифинзите со новинарите, од моментот на доставување на иницијативата за уставни измени до Собранието, па до нивно усвојување минимално се потребни четири и пол месеци. Како краен рок за уставни измени се посочува ноември, кога треба да заврши и скрининг процесот и да се одржи втората меѓувладина конференција и со што ќе почнат преговорите по поглавјата.

Согласно законските и деловничките процедури, од пристигнувањето на иницијативата за уставни измени во Собранието, потребни се 30 дена за таа да биде разгледана, по што ќе се одржи пленарна седница на која треба да се гласа.

Одлуката за пристапување кон измени на Уставот треба да ја донесе Собранието со двотретинско мнозинство, односно со најмалку 80 гласа, а бидејќи се работи за промена на Преамбулата, потребно е таа да добие и т.н. Бадентерово мнозинство, односно за неа да гласаат и најмалку 21 од 40-те пратеници кои не се припадници на мнозинската македонска заедница.

Слични содржини