Паднаа во вода сите лаги на Христијан Мицкоски за ново парламентарно мнозинство. Синоќа, на 27ми февруари, новите министри во Владата беа изгласани со 65 пратеници За и без ниту еден глас против, што претставува зголемување на актуелното парламентарно мнозинство, порачаа утрово од СДСМ.
Според партијата, 10 дена пратениците од ВМРО-ДПМНЕ преку долги и бесмислени дебати, каде зборуваа за се освен за она што е тема, се обидуваа да го пролонгираат изборот на новите министри.
-10 дена пратениците на ВМРО-ДПМНЕ го кочеа изборот на министри и со тоа ја опструираа работата на одредени министерства, на штета на граѓаните, за на крајот, како и многу пати досега, кога дојде време за гласање тие не смогнаа сили ниту да гласаат против предлозите кои толку многу ги критикуваа.
Зголеменото парламентарно мнозинство е нов пораз на дејствувањето на Мицкоски и ново разобличување на неговите лаги дека Собранието само што не се распуштило, појаснуваат од владеачката партија.
За нов министер за правда е избран Кренар Лога од Алијансата на Албанците, а Собранието го поддржа Фатмир Маџити од истата партија за министер за здравство. Азир Алиу е нов министер за информатичко општество и администрација, исто така од Алијансата на Албанците, а Каја Шукова од СДСМ ќе го преземе Министерството за животна средина и територијално планирање.
Во салата беа присутни 114 од вкупно 120 народни пратеници. Иако присуствуваа на седницата, пратениците од опозицијата не гласаа.