„Се подготвуваме за тешки денови“: Ердоган ја порази опозицијата во провинциите уништени од земјотресот

од Stefanija Kuzmanovska

Претседателот Реџеп Тајип Ердоган и неговите поддржувачи ја прославија изборната победа и го продолжија владеењето во третата деценија, додека турската опозиција, некогаш оптимист за победа, се подготвува за „тешки денови“ против се поавтократската влада, пишува „Ројтерс“.

Неговиот противкандидат, Кемал Киличдароглу, рече дека тоа се „најнефер изборите во последните години“, но не го оспори исходот, кој му даде мандат на Ердоган да води политика што ја поларизираше Турција и ја зајакна нејзината позиција како регионална воена сила.

Изборите беа најголемиот политички предизвик за Ердоган, при што опозицијата беше уверена дека ќе го собори и ќе ја промени неговата политика, откако анкетите покажаа дека зголемената криза на трошоците за живот го оставила ранлив. Но, тој победи со 52,2 отсто од гласовите наспроти 47,8 отсто на Киличдароглу.

Ова ја зацврсти неговата слика за непобедливост во длабоко поделената земја членка на НАТО, чија надворешна, економска, безбедносна и надворешна политика Ердоган ја промени. Провладините медиуми ја слават неговата победа.

„Човекот од народот победи“, гласи насловот на весникот „Сабах“. „Ја отворивме вратата на турското доба“, додава весникот.

„Победата е повторно на Ердоган, победникот е Турција“, пишува весникот „Хуриет“ со фотографија од толпата луѓе кои во текот на ноќта се собраа пред претседателската палата во главниот град Анкара за да го слушнат неговиот триумфален говор.

„Победникот е нашата демократија“, рече Ердоган пред насобраните. „Сега е време да ги оставиме настрана споровите и конфликтите од изборниот период и да се обединиме околу нашите национални цели“, додаде тој.

Рекордно ниско ниво на турската лира

Турската лира падна на рекордно ниско ниво во однос на доларот (20.065 спрема 1), губејќи 90 отсто од својата вредност во последната деценија. Неодамнешниот пад на вредностите ја поттикна неизвесноста за тоа што победата на Ердоган би можела да значи за економската политика.

Критичарите ја обвинија неговата неортодоксна економска политика на ниски каматни стапки, која опозицијата вети дека ќе ја смени, за проблемите на валутата. Ердоган рече дека инфлацијата, која минатата година достигна највисоко ниво во последните 24 години од 85 отсто, пред да попушти, е прашање кое итно треба да се реши.

„Тешки денови“

Иако повика на единство, Ердоган ја задржа главната тема на својата кампања, обвинувајќи ги Киличдароглу и опозицијата дека се на страната на терористите. Главната прокурдска партија, трета по големина во парламентот, беше меѓу опозициските партии и беше обвинета за врски со курдските милитанти, што таа го негира.

„Следат тешки денови за опозицијата“, рече Атила Јесилада, аналитичар во GlobalSource Partners, предвидувајќи повеќе судски одлуки против курдската партија и додавајќи дека сè уште не е јасно дали опозициската алијанса ќе остане недопрена.

Поразот на Киличдароглу најверојатно ќе биде причина за загриженост кај сојузниците на Турција во НАТО, кои се вознемирени од врските на Ердоган со рускиот претседател Владимир Путин. Рускиот лидер му ја честиташе победата на својот „драг пријател“.

Американскиот претседател Џо Бајден на Твитер напиша: „Со нетрпение очекувам да продолжиме да соработуваме како сојузници на НАТО за билатерални прашања и заедничките глобални предизвици“. Односите меѓу САД и Турција се затегнати поради противењето на Ердоган на приемот на Шведска во НАТО, блиските односи на Анкара со Москва и различните ставови за војната во Сирија.

Победата на Ердоган го продолжува неговиот мандат како лидер со најдолг стаж откако Мустафа Кемал Ататурк ја основа модерна Турција по распадот на Отоманската империја пред еден век.

Резултатот покажа дека критичарите кои тврдеа дека гласачите ќе го казнат Ердоган за првично бавниот одговор на властите на последиците од земјотресот, во кој во февруари загинаа повеќе од 50 илјади луѓе, не беа во право. По првиот круг од изборите на 14 мај, кога се одржаа и парламентарните избори, Партијата на правдата и развојот (АКП) на Ердоган победи во 10 од 11-те провинции погодени од земјотресот.

Слични содржини