Сè повеќе гладни во светот поради пандемијата на коронавирус

од Stefanija Kuzmanovska

Глобалниот индекс на глад покажува напредок во борбата против недостиг на храна, но пандемијата би можела да го загрози, се вели во годишниот извештај на германската хуманитарна организација која се бори против гладот ​​во светот.

Пред пет години, Обединетите нации поставија цел да нема повеќе гладни луѓе во светот до 2030 година. Тоа би значело дека дури и во најсиромашните земји во светот, нема да има повеќе ненахранети луѓе. Дали човештвото е на добар пат да ја постигне оваа цел?

Во 2015 година тоа звучеше амбициозно, но и остварливо. На светскиот индекс на исхрана, каде што нула е состојба без глад, а 100 е потполен глад, планетата имаше оценка 28,2 на почетокот на милениумот – ситуацијата беше сериозна.

Денес, дваесет години подоцна, тој резултат е многу подобар – 18,2.

Германската хуманитарна организација „Помош за гладните во светот“ ја проценува состојбата во некоја земја врз основа на четири индикатори:

Првиот е уделот на оние луѓе во вкупната популација кои не можат да ги покријат своите дневни калориски потреби. Второто е уделот на деца на возраст под пет години кои имаат недоволна тежина во однос на растот. Третиот индикатор се однесува на бројот на деца кои имаат помал раст во споредба со просечниот раст во нивната старосна група. Конечно, индикаторите ја вклучуваат и смртноста кај деца на возраст под пет години.

„Најголемиот морален пад на нашата генерација“

И покрај напредокот, најновите бројки се ужасни. Скоро 690 милиони луѓе ширум светот се ненахранети. 144 милиони деца имаат забавен раст како резултат на ненахранетоста. 47 милиони деца гладуваат. 5,3 милиони деца починале пред нивниот петти роденден, често како резултат на ненахранетост. Германската хуманитарна организација смета дека гладот ​​во светот е „најголемиот морален пад на нашата генерација“.

Иако ситуацијата е подобрена во просек, разликите меѓу одделни региони се огромни. Субсахарска Африка (27,8) и Јужна Азија (26,0) имаат најмногу гладни луѓе.

Портпаролката на организацијата, Симоне Пот, ги наведува како причини за кризата и конфликтите, сиромаштијата, нееднаквоста, лошата здравствена состојба и последиците од климатските промени. Таа го наведува примерот на Мадагаскар, каде ситуацијата е влошена во споредба со 2012 година.

„Конфликтното насилство и екстремните временски услови го кочат позитивниот развој“, вели Симоне Пот.

Што прави Непал подобро?

Постојат и позитивни примери. Во Камерун и Непал пред дваесет години, ситуацијата беше исклучително тешка. Во Камерун, според Светска банка, бруто домашниот производ по глава на жител до 2018 година е повеќе од двојно зголемен – од 650 на 1.534 долари. Голем напредок имаат постигнато и Ангола, Етиопија и Сиера Леоне, кои го намалија својот индекс на глад за повеќе од 25 поени.

Во 2000 година, состојбата во овие земји беше лоша главно поради граѓанските војни кои се меѓу основните причини за глад. Симоне Пот го објаснува напредокот постигнат во Непал со инвестиции во економскиот развој кои ја намалиле сиромаштијата.

„Инвестициите во здравството ја намалија смртноста кај децата и доведоа до подобрување на општата здравствена состојба. Повеќе инвестиции во земјоделството доведоа до поголема безбедност во областа на прехраната“, објаснува таа.

Лекот често e полош од болеста

Сега големата непозната, коронавирусот и неговите последици, влегуваат во пресметката. Тие сè уште не се земени предвид во извештајот. Падот на економијата доведува до намалување на приходот, а тоа ќе доведе до намалување на можноста за увоз на храна во голем број земји. Организацијата за храна и земјоделство при Обединетите нации (ФАО) проценува дека ова може да доведе до дополнителни 80 милиони случаи на ненахранетост.

Матијас Мејџ, генерален секретар на хуманитарната организација „Помош за гладните во светот“, стравува дека пандемија со сите економски последици може да го удвои бројот на луѓе изложени на ризик од акутни кризи во производството и снабдувањето со храна.

И во западните земји се поставува прашањето дали економските последици од антипандемиските мерки се потешки од здравствените последици од вирусот, односно дали лекот е полош од болеста.

За многу земји од јужната хемисфера, ова е случај, вели Симоне Пот: „Забраната за движење имаше фатални последици за милиони луѓе кои работат во неформалниот сектор. Останаа без приход преку ноќ, локалните пазари беа затворени, а земјоделците со мали фарми веќе не можеа да ја обработуваат својата земја“.

Значи, од земја до земја, беше различно проценето што предизвикува поголема штета, и таа проценка не беше лесна.

Да се ​​свртиме повторно на прашањето, дали човештвото може да ја постигне целта да го искорени гладот ​​на планетата до 2030 година. „Не. За жал, не сме на тој курс“, вели Симоне Пот, додавајќи:

„Целокупниот развој е причина за радост, но напредокот е премногу бавен. Ако состојбата со исхраната се развива како досега, 37 земји нема да го достигнат ниското ниво на Глобалниот индекс на глад до 2030 година. Тогаш околу 840 милиони луѓе би биле ненахранети. А последиците од пандемијата сè уште не се пресметани во ова“.

Слични содржини