Седници на шест собраниски комисии

од Aleksandar Petrovski

Во Собранието на Република Северна Македонија денеска седници ќе одржат комисиите за економски прашања, за надзор над спроведување на мерките за следење на комуникациите, за одбрана и безбедност, за деловнички и мандатно-имунитетни прашања, за транспорт врски и екологија, а две  седници ќе одржи законодавно-правната комисија.

На дневниот ред на Комисијата за економски прашања се предлог законите за изменување и дополнување на Законот за минерални суровини, на Законот за државен пазарен инспекторат, на Законот за техничката инспекција и на Законот за контрола на извоз на стоки и технологии, четирите по скратена постапка – второ читање.

Комисијата за надзор над спроведување на мерките за следење на комуникациите ќе ги разгледа годишните извештаи за работењето на Оперативно-техничката агенција за 2019 година и за работата на Комисијата за надзор над спроведување на мерките за следење на комуникациите во 2019 година.

Комисијата за одбрана и безбедност има само една точка на дневниот ред – Предлог-законот за Агенцијата за разузнавање, по скратена постапка – второ читање, поднесен од пратениците Хари Локвенец и Џеват Адеми.

По една точка на денешните седници ќе разгледаат и членовите на Комисијата за деловнички и мандатно-имунитетни паршања и тоа Упатството за примена на Kодексот за етичко однесување на пратениците во Собранието на Република Северна Македонија, како и на Комисијата за транспорт врски и екологија – Предлог- законот за изменување и дополнување на Законот за урбано зеленило по скратена постапка, поднесен од пратеничките Лилјана Поповска и Маја Морачанин.

Законодавно-правната комисија ќе одржи две седници од кои на дневниот ред на првата е само Предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за урбано зеленило, по скратена постапка, а на втората се предлог законите за изменување и дополнување на Законот за државен пазарен инспекторат, на Законот за техничката инспекција, и на Законот за минерални суровини, трите по скратена постапка, како и на Законот за контрола на извоз на стоки и технологии со двојна употреба, во прво читање.

Слични содржини