Сензација на Максимир: Динамо го урна Челзи на отворањето на ЛШ!

од Nikola Popovski

Во натпреварот од 1. коло од групата Е во фудбалската Лига на шампиони, Динамо на „Максимир“ пред 20.607 гледачи приреди вистинска сензација и го победи Челзи со 1:0.

Фудбалерите на Динамо Загреб на стадионот Максимир со победа против поранешниот европски и англиски првак Челзи го отворија осмиот настап во групната фаза од Лигата на шампионите. Решавачкиот гол го постигна Мислав Оршиќ во 13. минута.

Додека Челзи благодарение на третото место во Премиер лигата избори директен пласман во Лигата на шампионите, хрватскиот шампион мораше да мине три квалификациски кола (Шкупи, Лудогорец, Бодо/Глимт) за да обезбеди место меѓу елитата на европски фудбал.

Англискиот гигант ја презеде иницијативата од првата минута, но веќе во 13. минута Мислав Оршиќ постигна гол од контранапад.

Роберт Љубичиќ ја започна акцијата упатувајќи долга топка до Бруно Петковиќ, кој му ја додаде на Оршиќ, кој истрча покрај Весли Фофана, новото засилување на сините, кој пристигна од Лестер Сити за 82 милиони евра. Оршиќ помина околу 50 метри и го совлада голманот Кепа.

Челзи израмни во 48. минута, но голот на Обамејанг беше поништен поради офсајд. Во 56. минута Динамо беше на чекор до вториот гол, но фантастичниот удар на Стефан Ристовски заврши во гредата.

Рис Џејмс исто така ја погоди стативата во 85. минута.

Двајцата македонски репрезентативци Аријан Адеми и Стефан Ристовски имаат одличен настап за „сините“. Ристовски го одигра целиот натпревар, додека капитенот Адеми беше заменет во 88. минута.

Во вториот натпревар од оваа група од 21 часот се среќаваат РБ Салцбург и Милан.

Следниот настап на Динамо во Лигата на шампионите е веќе следната недела, во среда, на 14 септември, сините гостуваат на Сан Сиро против Милан.

Слични содржини