Северна Кореја: Поради САД сме на работ на нуклеарна војна

од Stefanija Kuzmanovska

Од почетокот на годината, САД распоредија колосални нуклеарни капацитети во Јужна Кореја, доведувајќи ја ситуацијата на Корејскиот полуостров на работ на нуклеарна војна, изјави севернокорејскиот министер за одбрана Канг Сун Нам.

„Соединетите Американски Држави, чија непријателска политика кон Северна Кореја е (официјална) државна политика и отворено кршење на независните развојни и безбедносни интереси на Северна Кореја, ја доведуваат ситуацијата во североисточна Азија на работ на нуклеарна војна“, рече Канг на Московската конференција за меѓународна безбедност, пренесува ТАСС.

Според неговите тврдења, Америка од почетокот на годината распоредила огромен број стратешки нуклеарни средства во Јужна Кореја, вклучувајќи подморница на нуклеарен погон, стратешки бомбардер и борбена група на носач на авиони на нуклеарен погон.

Според Канг, САД спроведоа и неколку големи заеднички воени вежби кои симулираат тотална војна со Северна Кореја.

„Овие вежби беа без преседан по обем, интензитет и времетраење. Сега прашањето не е дали ќе избие нуклеарна војна на Корејскиот полуостров, прашање е кој, кога и како ќе ја започне“, смета севернокорејскиот министер за одбрана.

Во Конгресниот и изложбен центар „Патриот“ се одржува Московската конференција за меѓународна безбедност.

Претставници на одбранбени агенции и меѓународни организации, воени експерти и дипломати од неколку десетици земји разговараат за заедничките закани за глобалната и регионалната стабилност, како и за различни аспекти на безбедноста во Азија, Африка, Блискиот Исток, Латинска Америка и Европа.

Централната тема на настанот, кој го организира министерството за одбрана на Русија, е воспоставување на интеракција во средината на новите реалности што се појавуваат во процесот на воспоставување мултиполарен светски поредок. Според податоците на министерството за одбрана на Русија, на конференцијата учествуваат повеќе од 800 делегати од 76 земји.

Слични содржини