Американскиот државен секретар Марко Рубио во интервју за Си-Би-Ес изјави дека Украина и Европа ќе бидат вклучени во „вистинските преговори“ со цел да се стави крај на војната меѓу Русија и Украина.
Рубио ја минимизираше европската загриженост дека тие би можеле да бидат исклучени од претстојните мировни преговори меѓу Русија и САД, кои ќе се одржат во Саудиска Арабија во наредните денови. Тој нагласи дека преговарачкиот процес се уште не е започнат сериозно, но доколку разговорите продолжат, ќе бидат вклучени Украина и европските земји.
Рубио потсети дека американскиот претседател Доналд Трамп разговарал со рускиот претседател Владимир Путин минатата недела. За време на тој разговор, Путин изразил интерес за мир, додека Трамп јасно ставил до знаење дека сака траен договор што го обезбедува суверенитетот на Украина.
„На крајот на краиштата, ако ова се вистински преговори – а ние сè уште не сме во тој момент – Украина ќе мора да биде вклучена бидејќи таа е нападната, а Европејците ќе мора да учествуваат бидејќи тие се оние кои воведоа санкции кон Путин и Русија“, рече Рубио.
„Еден телефонски повик не носи мир“, додаде тој, истакнувајќи дека следните неколку недели ќе бидат клучни за проценка на сериозноста на овие разговори.
На прашањето дали разговарал за укинување на санкциите кон Русија за време на телефонскиот разговор со рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров во саботата, Рубио одби да даде јасен одговор. Но, тој рече дека разговарале за многу тешките услови под кои работи американската амбасада во Москва.
Тој додаде дека функционалните амбасади во двете земји се клучни за напредок во мировниот процес.