Шестгодишник заработува милиони играјќи си со играчки

од desk2
91 прегледи

Шестгодишно момче заработи 11 милиони долари изминатата година, давајќи свое мислење за разни играчки и слатки на неговиот канал на Јутуб, „Рајан тојс ривју“ кој привлече 10 милиони обожаватели, пишува британски „Сан“.

Популарниот канал е на осмото место на листата на канали на Јутуб кои остваруваат најголема заработка, според листата на магазинот „Форбс“.

– Од дете за другите деца! Придружете му се на Рајан за да го гледате како си игра со играчки и ги оценува за другите деца – пишува на каналот на Јутуб.

„Рајан тојс ривју“ е отворен во 2015 година, кога четиригодишниот Рајан побарал од неговите родители да му овозможат да ги оценува играчките на Интернет. Видеата на каналот имаат вкупно околу 800 милиони прегледи.

Родителите на Рајан, кои му помагаат во снимањето на видеата, истакнаа дека ќе престанат со објавување на снимки кога на нивниот син ќе му здосади неговото хоби.