Шилегов: Кога ќе се заплени и продаде имотот на ВМРО-ДПМНЕ, тогаш ќе ги отстраниме бродовите од Вардар

од Maja Serafimova

Град Скопје деновиве го чисти островот кој е создаден во речното корито на реката Вардар, откако според градоначалникот на град Скопје, Петре Шилегов претставувал опасност ако дојде до обилни врнежи од дожд. Инспекторатот по пријава на граѓани издал решение да се стопираат градежните работи, повикувајќи се на член 142 од Законот за води со кој за вадење на песок, чакал и камен од коритата и бреговите потреба е дозвола.

Градоначалникот Шилегов денес одговарајќи на новинарско прашање на оваа тема рече дека за вакви активности не е потребна дозвола, тоа е законска обврска на Градот, туку само да се извести надлежниот инспекторат.

„Ќе бев многу посреќен истата таа инспекторката што шири дезинформации, да го спречеше поставувањето на бродови во коритото на Вардар. Тогаш беше нем сведок на лудило кои се случи во нашиот град. Дозвола е потребна да се постави брод во Вардар, а тогаш ја дала. Овој град има законска обврска да го одржува чисто коритото на Вардар. Ако истата госпоѓа дала дозвола да става бродови, а сега прави проблем дека чистиме остров, јасно ви е за кого станува збор“, рече Шилегов.

Шилегов беше прашан кога ќе бидат отстранети бродовите од реката Вардар, одговарајќи на ова прашање истакна дека отстранувањето ќе чини околу 6–7 милиони евра.

„Отстранувањето ќе не чини 6–7 милиони евра. Кога ќе се заплени имотот на ВМРО-ДПМНЕ, најбогатата партија во Европа и ќе се продаде, дел од парите ќе ги искористиме да ги отстраниме бродовите“, рече Шилегов.

М.С.

Слични содржини