Схинас: Уверен сум дека Македонија ќе ги изгласа уставните измени и ќе се приклучи кон ЕУ

од Nikola Popovski

Како што знаете, системот што се применува на сите преговори за проширување на ЕУ е принципот „регата“. Како и кај регатите на море, секој плови во исто време, но крајот и целта зависи од способноста и вештината на капетанот и екипажот, временските услови, условите на морето, така што нема услов сите да започнат и да завршат во исто време. Системот „регата“ значи дека оние земји подготвени да ги исполнат барањата за проширување во однос на 35-те преговарачки поглавја, кога ќе се подготват – ќе влезат. Толку е едноставно. Нема ветувања или услов за колективно проширување со сите. Правилата се исти, тие важат за сите, а кога се држиш до нив, ќе се придружиш, вели потпретседателот на Европската комисија, Маргаритис Схинас во интервју за „Bg on AIR“, за проширувањето на ЕУ и шансите за влез на С. Македонија.

На прашањето дали доколку нашата земја не ги изгласа измените во Уставот и не ги вклучи Бугарите во него, што е договорен предуслов според европската преговарачка рамка, дали Албанија ќе продолжи сама на патот на европските преговори, Схинас одговорил:

„Република Северна Македонија веќе еднаш го измени својот Устав – за името на државата, за да го уважи Договорот од Преспа. И сега повторно предложија нови уставни измени за да го спроведат она што беше договорено со Бугарија. Она што останува е гласањето во Парламентот на Северна Македонија, што одговара на договореното. Не сакам да прејудицирам што ќе се случи. Брисел и комесарите не треба да се мешаат во уставните и политичките работи ниту на земјите-членки, ниту на потенцијалните земји-членки. Но, овој процес, како што јас го разбирам, е во тек на имплементација, не е нешто што е запрено или напуштено. Уверен сум дека Северна Македонија ќе го преземе овој одлучувачки чекор неопходен за почеток на преговорите. И ако го сторат, ќе имаат можности за преговори и членство. И во случајот со Албанија има многу барања што нашите пријатели Албанци треба да ги исполнат“.

Схинас истакнал дека имплементацијата на меѓународните договори е апсолутен минимум што се бара од земјите-членки и смета дека С.Македонија добро стои на тој пат.

„Но, дозволете ми да бидам многу јасен – по многуте непријатни искуства што ги имавме во минатото, нема начин нова земја може да влезе во ЕУ без да се занимава со сите нејзини проблеми поврзани со историјата, уставните промени и реформите. Нема шанси Европската унија да прифати нови земји со нивните проблеми. Овие проблеми треба да ги решат пред да станат дел од семејството“, рекол потпретседателот на ЕК на прашањето дали Македонија во моментов го спроведува Договорот од Преспа потпишан со Грција.

Слични содржини