Шолц повика на истрајност во помошта за Украина

од Nikola Popovski

Германскиот канцелар Олаф Шолц денеска повика на истрајност во поддршката и помошта на Германија за Украина.

„Војната веројатно нема да заврши толку брзо како што сите ние би сакале“, рече Шолц на конференцијата на Социјалдемократската партија во Берлин. Според него, Германија мора да може да помогне оваа и следните години и да продолжи да ја поддржува Украина во нејзините одбранбени напори.

Шолц рече дека со нападот на Украина во 2022 година, Русија го укинала секое разбирање за мирот и безбедноста во Европа.

„Мора да стане јасно дека границите во Европа повеќе нема да се поместуваат со сила. Германија дури мора да биде подготвена да направи уште повеќе кога другите ќе ослабат“, рече Шолц, додавајќи дека Германија ќе продолжи да и помага на Украина со финансиски средства и испорака на оружје. „Рускиот претседател Владимир „Путин не може да очекува од нас да се откажеме“, кажа германскиот канцелар.

Тој, исто така, се осврна на „економските последици од рускиот империјализам“ за Германија и другите земји, како што се високите цени на енергијата, истакнувајќи дека владата сепак успеала да обезбеди добро снабдување со енергија, иако тоа е, се разбира, „голем финансиски предизвик “.

На партискиот собир, Шолц ја потврди поддршката на Германија за Израел и ја осуди омразата на Евреите на германските улици, извикувајќи антисемитски слогани и палејќи израелски знамиња.

Слични содржини