Што да очекува Скопје по изборите во Бугарија: „Ако не се формира Влада, ќе продолжи да раководи Радев кој не е пријател на Македонија“

од Nikola Popovski
264 прегледи

Конзервативната коалиција околу партијата ГЕРБ на поранешниот бугарски премиер Бојко Борисов повторно освои најмногу гласови на парламентарните избори во Бугарија, но најверојатно ниту овој пат нема да успеат да формираат влада, покажуваат објавените резултати. Според речиси целосните официјални резултати, на вчерашните парламентарни избори, петти во последните две години, коалицијата предводена од 63-годишниот Борисов доби 26,5 отсто од гласовите, додека центристичкиот сојуз предводен од исто така поранешниот премиер Кирил Петков го зазеде второто место со 25 отсто, пренесуват бугарските медиуми. Либералната, реформистичка партија на Кирил Петков „Продолжуваме со промените“ на вчерашните избори влезе во сојуз со централнодесничарската коалиција „Демократска Бугарија“, но тоа не ѝ помогна да победи.

Политичката блокада, на која не и се гледа крајот, го загрозува влезот на Бугарија во еврозоната и Шенген зоната, како и користење на милијарди евра од фондовите на ЕУ за закрепнување. Тука е и прашањето за односите со Македонија, односно дали ќе дојде до подобрување и позитивни ветришта или состојбата ќе остане статус-кво се до евентуалните уставни измени. Скулпторот од Софија и кандидат на партијата „Продолжуваме со промената“ за пратеник во бугарското собрание, Андреј Врабчев во разговор за „Локално“ вели дека ќе има промена само во говорот кај оние кои се декларираа за претставници на македонските Бугари, кои, како што вели, стануваат критички настроени кон Радев, а до сега му беа алатка.

Андреј Врабчев

-Ова покажува дека ќе има нов пристап од нивна страна, но се плашам дека уште еднаш нема да бидат конструктивни. Со оглед на тоа што барањето за вклучување во уставот произлезе од овој тандем, а сега е на дневен ред и неговото решение, стравувам дека ќе влеземе во сценарио да го претвориме во бескраен проблем, нерешлив проблем. Овде интересно е што во овој случај партнери ќе бидат бугарските патриоти и ДПМНЕ. На постоечката антиевропска коалиција меѓу националистите во двете земји мора да и се спротивстави коалиција на проевропски сили, што во моментов не се случува бидејќи проевропските партии во двете земји не најдоа храброст да се спротивстават на националистичкиот говор и во практиката усвои дел од својата реторика, смета Врабчев.

Според него, решението за уставните измени во земјава лежи во отфрлање на етничките формулации и прифаќање на дефиницијата дека Македонија е држава на граѓани.

-Зборувајќи за тоа, многу пред да стане барање, влезот беше претставен како став од БККС, најстарата организација на македонските Бугари. Што се однесува до односите меѓу Софија и Скопје, за мене водечка работа се односите меѓу народот, а не меѓу владите. Се уште нема никакви проблеми меѓу луѓето. Неодамна бев во Македонија и ги слушнав следните зборови од непознат за мене. Се нè обединува, само политиката нè дели. Ајде да се обложиме на доброто на луѓето и тие ќе ни го покажат вистинскиот пат во односите, а не партии на спасители и социолошки анкети. Во овој контекст, започна мојата иницијатива како кандидат за национален претставник за изградба на железничката врска Благоевград-Кочани, ни рече Врабчев.

Владимир Владимиров

Политичкиот аналитчар Владимир Владимиров порачува дека ситуацијата на политичката сцена во Бугарија не е различна од тоа што се очекуваше.

-Резултатите од изборите се речиси исто со претходните, со мала разлика. Тоа што може да се очекува е дека првата и втората партија, ГЕРБ и Продолжуваме со промените може да се договорат и има таква опција. Бугарското општество очекува евроатланските ориентираните партии да направат Влада со јасни приоритети – влез во Еврозоната, влез во Шенген зоната и воена и техничка помош за Украина, вели Владимиров за „Локално“.

Според него, ако не се создаде влада по регуларен пат, тогаш Бугарија ќе продолжи да биде раководена од претседателот Румен Радев, кој како што вели, не би кажал дека е пријател на Македонија.

-Во Парламентот ќе влезе и партијата на Слави Трифонов, која има свои крајни позиции, како и партијата Преродба на Костадин Костадинов. Македонските граѓани треба да следат дека ако има коалиција меѓу европските партии, тоа би било позитивно за односите меѓу двете земји, ни рече Владимиров.

Аналитичарот смета дека во моментов односите меѓу Македонија и Бугарија се „никакви“.

-Жално е што повеќето од проектите не се движат напред. Создадените клубови продолжуваат да создаваат тензии. Тоа што остана во рамките на надлежностите на претседателот Радев, не можеме да очекувам ништо позитивно во однос на Македонија, се додека немаме редовна избрана Влада. Меѓу нас има голем потенцијал – тоа го покажува трговската размена од една милијарда евра, потенцира соговорникот.

Н.П.

Слични содржини