Што да се прави со победата?

од desk4
270 прегледи

Изгледа парадоксално, но ситуацијата за Зоран Заев сега е покомплицирана од пред изборите. Тој победи, но во овој момент изгледа дека не знае како да ја ефектурира победата во вителот на метларската какофонија    

Präsidentschaftswahlen Mazedonien (Reuters/O. Teofilovski)

Има неколку дузини легендарни цитати од уште полегендарниот стрип од пред 30-40 години на овие простори – „Алан Форд“, но еден до ден-денешен изгледа како најсјаен бисер. Лидерот на тајната група ТНТ, метузалемски стариот Број 1, му го вели ова на неговата десна рака – Шефот: „Пријателе, послушај го овој совет: Ако сакаш да победиш, не смееш да изгубиш!“

Оваа едноставна филозофија изгледа дури и некако смешна. Но, не е. Премиерот Зоран Заев можеби на некој начин ја разбрал оваа порака на Број 1 и без да знае за овој легендарен цитат, па можеби и без да прочитал барем една епизода од „Алан Форд“. Нему му беше совршено јасно дека за да победи Стево Пендаровски на претседателските избори самиот тој не смееше да изгуби. Затоа и неговата вклученост во кампањата беше десет пати поголема од другите во владејачкиот камп. Тој мораше со последните сили да се бори за своето наследство. Во една фактографска елаборација тоа наследство од две години изгледа огромно, дури и незабележано во оваа држава – успеа да формира влада иако не победи на изборите и да урне еден режим кој изгледаше несоборлив, успеа да ги привлече на своја страна сите етнички заедници во Македонија, успеа за два месеци да го склучи договорот со Бугарија, успеа да го донесе законот за јазиците, успеа да го склучи Преспанскиот договор, а потоа со математички акробации со пратениците да ги протурка уставните измени со кои беше променето името на државата; успеа законот за амнестија околу 27 април да го претстави како неопходен влог за иднината, успеа членките на НАТО со неверојатна брзина да го потпишат Протоколот за пристапување на земјава кон Алијансата. Тоа не се мали работи за еден наизглед неопитен политичар. Всушност, тоа се огромни. И најпосле, по сите овие страшни драми, успеа да му помогне на Пендаровски да однесе јасна победа на изборите и да докаже дека неговата политичка визија не е целосно истрошена.

Последната шанса

Но Заев сега се соочува со најголемата од сите политички драми – што да прави со победата, која во овој момент изгледа дека може да му биде и последна. На некој начин, неговата ситуација наликува на онаа на Наполеон по битката кај Бородино во 1812 година кога француските трупи влегуваат во празната руска престолнина, а императорот не знае што да прави со таа победа. Ова не е споредба со личностите, таа не можна ни во најлудите сновиденија на кој било – туку прашањето е дали на изборната победа може да ѝ се даде некаков смисол. Македонските гласачи донесоа неверојатно елегантна и промислена пресуда – му дадоа уште една голема шанса на СДСМ, верувајќи дека има уште можности да направи нешто повеќе од неговите громогласни ветувања, а му понудија и убав зрак надеж на ВМРО-ДПМНЕ дека може да размислува дека има шанси да се врати на власт, но само ако раскрсти јавно, гласно и „со дела“ од срамното владеење на Никола Груевски.

Mazedonien Pressekonferenz der Regierung (DW/Petr Stojanovski)Премиерот Заев со министрите од неговата влада

Би било неверојатно ако Заев не успева вистински да ги види гневот, разочараноста, апатијата, губењето на довербата на цели дивизии гласачи поради она што не го направи неговата влада (да ја задржи вербата во иднината и некаков подносливо среден живот) или она што го направија ешалоните на власта (непотизмот, кронизмот, корупцијата, а во голема мерка и неспособност и незнаење да се раководи). Меѓу двата круга Заев и малкумина околу него изјавуваа дека ја разбрале пораката, но никој не може да тврди дека премиерот целосно разбрал што значи она што излезе од гласачаките кутии ( и особено оние ливчиња што ги немаше) или употребува само убава јазична еквилибристика.

Она што изгледаше како скеч од К-15 со метлата за да се поттикнат многу гласачи да излезат на изборите (уште не е јасно дали тоа беше наместено или театарски ефект кој го смислил само Драган Спасов) во голема мерка ја заврши работата. Но тоа сега станува парадигма за растурање на владините структури. И за голема нервоза во министерските и директорските редови. Не поради тоа што некој треба да биде сменет, уште помалку што некој треба да испадне поради реконструкција на Владата. Најмногу поради начинот којшто стана синоним за политиката што треба да следува – дека некој ќе биде „изметен“. Реакцијата на министерката за правда, Рената Треневска-Дескоска, околу нејзиното можно враќање во Министерството за образование, во голема мерка беше неумесно, политички несоодветно, но изгледа дека тоа е директна последица од нервозата која се гледа како трепери во владините кулоари. Оние што го смислија скечот со метлата сега не знаат како да го вратат неговиот дух во шишето. Тоа може да предизвика поголема штета од добивката меѓу двата круга – да ги растресе владините и партиските редови и да го скрши заедништвото во кабинетот на Заев.

Вознемирени баталјони

Реконструкциите на владата се најнормалната работа во една политика. Секој премиер во секоја земја се обидува да ја калибрира работата на владата за да постигне најголеми успеси. Во тоа калибрирање најмалку се важни персоналните односи меѓу премиерот и некој од министрите – многу поважно е дали луѓето на местата може да донесат додадена вредност или, пак, да поткопаат одредена политичка активност поради незнаење. Задоволувањето на интересите на одредени партиски структури при конципирањето на составот на владата е совршено очекувано, ако тоа доведе до функционален кабинет. Но за да се ревитализира една влада (колку и да е таа коалициска) премиерот треба да размислува на единствената цел – да се води од зацртаната политика и да одбере луѓе кои таа ќе ја остваруваат, кои потоа на изборите ќе ѝ донесат победа на партијата. Многу работи се изнапишаа за претседателствувањето на Доналд Трамп (сите ги знаат, нема потреба да се споменуваат), но тој за две години направи толку многу промени во администрацијата сѐ додека не ја калибрира онака како што одговара на политиките за коишто зборуваше во кампањата. Меѓу првите, по само шест-седум месеци, мораше да си замине и човекот којшто него, всушност, на одреден начин го донесе на власт – Стив Бенон. Бенон организираше огромна мрежа низ цела Америка за да може да го претстави политичкиот план на Трамп и тоа да донесе гласачи кои изгледаше дека никогаш нема да гласаат за него. Но кога многу брзо тој стана преголем товар за Белата куќа и за самиот претседател, Бенон си замина и олабави еден дел од притисокот на јавноста врз администрацијата поради нејзините проблематични политики.

Други колумни од авторот:

Британска метла… а и естонска

Професорско дуо-трио

Со мала помош на Петар Богојески

Расправите во вознемирените сдсмовски редови за тоа кој повеќе, кој помалку, а кој воопшто не придонесол во кампањата за изборот на Пендаровски, може да изгледаат важни за партиските структури, но тие се сосема неважни за перцепцијата на јавноста за работата на Владата. И за вистинските ефекти од нејзиното функционирање. Смените на одредени министри само поради тоа што не биле доволно активни во кампањата, а не поради нивната мала ефикасност во работата, би можела да биде голема грешка на Заев. Исто како што се грешка најавите дека е можно да бидат сменети одредени градоначалници, особено во Скопје, затоа што потфрлиле во работата. Прво, тие не можат да бидат сменети, а второ, тоа е отворено признание на врвот на партијата дека направиле погрешна проценка кога ги истакнале нивните кандидатури. Еден министер може да биде сменет, тоа се нормални политички рокади, но е целосно неприкладно од еден градоначалник да бараш оставка, без оглед колку лошо работел, затоа што тој, сепак, ја добил функцијата на избори.

Оставката на Бранимир Јовановиќ во Министерството за финансии, може да биде знак каде би можел да оди еден дел од разврската – левичарскиот економист кој беше важен креатор на економските политики, се повлекува пред интересите на класичниот голем капитал, кој ги претставува вицепремиерот Кочо Анѓушев. Заминувањето на Јовановиќ е преполовување на тандемот со министерот Драган Тевдовски. Ќе видиме каква ќе биде судбината на другата половина.

 Метларската какофонија во седмицата по вториот круг по изборите покажува колку се измешани работите, пред сѐ во партијата и дека таа е влезена во вител во кој министерските и директорските ешалони најмногу мислат како да се спасат да не бидат „изметени“, а со тоа и посрамени. Изгледа парадоксално, но ситуацијата за Зоран Заев сега е покомплицирана од пред изборите. Тој победи, но во овој момент изгледа дека не знае како да ја ефектурира победата. Од понеделник Стево Пендаровски веќе ќе биде претседател на државата, таа етапа е завршена за Заев. За него почнува нова која е потешка – да го испорача најважното од она што не е испорачано. Завршија големите теми, сега се на ред секојдневните политики кои се најважни за граѓаните. Зоран Заев токму сега треба да покаже дека знае да остварува а во тоа треба да му помогне освежен тим. Доколку одолговлекува со најавите за промени, оправдувајќи го тоа со некакви неопходни консултации, тоа ќе биде знак дека реториката за промените била лажна. Доколку тие не се случат на време – тоа ќе биде премалку и предоцна. Изборите се речиси зад аголот, за година и пол, и ако неговите министерски и функционерски ешалони, како и партиските баталјони, работат расштимувано, не можејќи да го видат она што се гледа, многу веројатно ќе се случи она што пред седум-осум месеци изгледаше незамисливо за многумина: ВМРО-ДПМНЕ да се врати на власт. Но, тоа е политиката – граѓаните може жестоко да те казнат, а потоа да замижат на едно око и да ти дадат нова шанса. Бе оглед на огромните гревови кои уште ги паметат

DW.COM

Слични содржини