Што знаеме досега за масовниот убиец од Прага

од Stefanija Kuzmanovska
246 прегледи

Во пукањето кое се случи вчера попладне на факултет во центарот на Прага, загинаа 14 лица, меѓу кои и напаѓачот, а повеќе од 30 се повредени, некои потешко, соопшти прашката служба за итни случаи.

Чешката полиција нешто по 15:00 часот извести дека интервенирала поради пукање на Филозофскиот факултет, на плоштадот Јан Палах. Полицијата тогаш извести дека напаѓачот е „елиминиран“. Чешката влада го прогласи 23 декември за Ден на жалост. Засега не е познат мотивот за масовното убиство. Полицијата досега идентификувала 11 жртви.

Што знаеме за масовниот убиец?

Напаѓачот е идентификуван како Давид К. Тој прво го убил својот татко во селото Хостоун, 20 километри западно од Прага, а потоа отишол во центарот на тој град.

Бил студент на Институтот за светска историја на универзитетот каде што го извршил нападот, со седиште на Филозофскиот факултет, на плоштадот Јан Палах. Претходно оваа година, Давид К. добил награда од Полскиот институт во Прага за неговата теза за револуционерните настани од 1846 година во Краков и други области кои сега се дел од Полска.

Полицијата соопшти дека тој требало да присуствува на предавање вчера попладне во посебна универзитетска зграда на улицата Челетна, на неколку минути пешачење од факултетот и недалеку од староградскиот плоштад во Прага. Полицајците отишле таму барајќи го пред пукањето. Она што не го знаеме е што го одвело, наместо таму, со оружје во рацете до главната зграда на Филозофскиот факултет.

Шефот на полицијата Мартин Вондрашек изјави дека отишол во Прага да си го одземе животот и дека бил „инспириран од страшен настан, сличен настан во странство“. Инцидентот, наводно, е пукањето кое се случило на 7 декември во Брјанск, јужна Русија, кога 14-годишно девојче однесе пушка во своето училиште и уби соученичка пред да ја сврти пушката кон себе и да си го одземе животот.

„Тој беше интроверт. Не се забавуваше многу“

Чешкиот портал Sveznam pravy пишува дека Давид К. минатата година завршил на постдипломски студии по историја – европски студии и дека оваа година добил награда за завршниот труд.

„Беше тивок, интроверт. Не му беше забавно со нас“, вели студентка која студирала со него.

„Слабо го паметам, беше една година постар, но секогаш беше намуртена личност која не се забавуваше со никого“, навел негов соученик во средно училиште.

Жител на селото од каде што потекнува Давид К., вели дека бил „интроверт, како и секоја друга бубалица“ и дека најчесто го сретнувал кога одел да го фрли ѓубрето.

Полиција истражува Телеграм канал, се сомневаат дека бил на убиецот

Давид К., наводно, на социјалната мрежа Телеграм навел дека ќе изврши масакр на универзитетот и дека можеби ќе се самоубие. Пишувал на руски, а истакнал дека го инспирирала Алина Афанаскина, 14-годишното девојче кое на почетокот на декември отвори оган во училиште во Брјанск, Русија, при што уби две лица, а рани уште пет други. Таа потоа се самоуби.

Давид К. наводно напишал дека таа не убила доволно луѓе и дека тој ќе се обиде да го поправи тоа.

„Таа многу ми помогна“, наводно напишал Давид К. на Телеграм, додавајќи дека секогаш сакал да убие некого и дека „масовните убиства се подобри од сериските“.

Тој напишал дека ги мрази сите и дека сите го мразат него и дека планира зад себе да остави што повеќе болка. Последната објава датира од 19 декември кога пишувал за неподносливо зуење во ушите. Полицијата соопшти дека истражува дали профилот навистина е поврзан со лицето кое го изврши масакрот во строгиот центар на Прага. Сè уште ништо не е официјално потврдено.

Слични содржини