Шукова: Ниту една општина нема доставено краткорочен акциски план со мерки за намалување на аерозагадувањето

од Radmila Tasevska

Ниту една општина досега нема доставено краткорочен акциски план до Министерството за животна средина, за преземените мерки за намалување на аерозагадувањето во ситуации на надминување на дозволените гранични вредности, изјави министерката за животна средина Каја Шукова.

Во емисијата „Топ тема“ на ТВ Телма, таа посочи дека кога не се спроведуваат законите од областа на животната средина, не се зборува за казни, туку за одземање на ингеренции.

– Нема смисла одземањето на ингеренциите. Ако почнеме да одземаме ингеренции во делот на воздухот, не знам што ќе правиме, изјави Шукова.

Општините, посочи таа, треба да преземат конкретни мерки, особено, како што рече, кога се надминати граничните вредности.

–  Има мерки кои треба да се преземат, реорганизација на сообраќај, реорганизација на работно време… Значи има повеќе мерки кои треба да се спроведат во рамките на нивните буџети, изјави Шукова.

Како што државата издвојува средства, покрај за другите теми, и за намалување на загадувањето на воздухот, според Шукова, истото треба да го прават и општините во рамки на своите буџети.

Потребно е, нагласи Шукова, да инвестираме во сите сектори коишто влијаат врз животната средина, особено во обновливи извори на енергија.

–  Мислам дека таму треба да се насочиме, бидејќи се заложивме дека до 2030 година ќе престанеме да користиме фосилни горива. Но, тоа е само еден од сегментите. Граѓаните треба да бидат посамосвесни и да не горат се и сешто. Кога се загреваат на дрва, да не додаваат додатоци кои дополнително го загадуваат воздухот, рече Шукова.

Слични содржини