Шведската полиција уапси осомничени исламисти кои подготвувале напад

Шведските медиуми објавија дека имало голема полициска операција во Тиресо, јужно предградие на Стокхолм

од Бети Божиноска

Шведската Служба за безбедност (Сапо) денеска уапсила четири лица под сомнение дека подготвувале терористичко злосторство поврзано со насилен исламистички екстремизам и организиран криминал, пренесува Ројтерс.

„Постојат врски со сериозен организиран криминал и, исто така, меѓународни врски што ги поврзуваме со терористичката организација Исламска држава“, изјави портпаролот на Сапо.

Службата не соопшти каде и кога требало да се случат наводните напади, но во кусото соопштение додаде дека „работела на случајот подолг временски период“. Портпаролот не даде дополнителни детали за осомничените врски со ИД, идентитетот на осомничените или за природата на наводниот планиран напад.

Во акцијата беа претресени неколку куќи. Шведските медиуми објавија дека имало голема полициска операција во Тиресо, јужно предградие на шведскиот главен град Стокхолм, а јавната телевизија СВТ соопшти дека имало „моќна експлозија во клуб“, но не е јасно што ја предизвикало експлозијата.

Лани во август, Сапо ја подигна тревогата за тероризам на второ највисоко ниво по јавното сквернавење на верски текстови. Безбедносната ситуација се влоши во последнитее месеци по палењето на Куранот во земјата и протестите во муслиманскиот свет кои негативно влијаеја на имиџот на скандинавската нација.

Палењето и сквернавењето на верските книги во Шведска и тековните кампањи за дезинформација на социјалните мрежи и на други места, негативно се одразија на профилот на Шведска.

Имиџот ѝ се промени од толерантна земја во „земја непријателски настроена кон исламот и муслиманите“, каде нападите врз муслиманите се санкционирани од државата и каде што муслиманските деца можат да бидат киднапирани од социјалните служби“, објави агенцијата минатата година.

Сквернавењето на Куранот беше извршено под закрила на слободата на говорот. Шведска нема закон кој конкретно забранува палење или сквернавење на Куранот или други религиски текстови. Како и многу западни земји, таа нема никакви закони за богохулење што Шведска ги укина во 1970-тите.

Слични содржини